Македонија
112 во ЦУК – веќе една година корисно ги поврзува сите при итни случаи
На денот на Европскиот број за итни случаи, на 11-ти февруари, годинава 2023-та, се заокружува една година функционирање на бројот 112 во Центарот за управување со кризи во нашата држава, Република Северна Македонија.
Големиот европски проект, преточен во дело, Е – 112 во ЦУК, при ова едногодишно функционирање се надоградува „во движење“, согласно потребите и можностите преку менаџирањето на актуелните функционери, директорот Стојанче Ангелов и заменик директорот, Екрем Зендели, а со голема поддршка на Владата и на Европската Унија.
Секако, тоа е поткрепено со голем работен ангажман и ентузијазам на вработените во ЦУК кои се мотивирани и свесни и за историскиот момент во којшто учествуваат при имплементирањето и функционирањето на 112 во нашата држава согласно европската и светска патека за современо заокружување на безбедносните и одбранбени капацитети во земјава.
Неодминливо е да се напомене дека големата општествена одговорност на медиумите и свесноста на граѓаните за современата потреба од овој европски број за барање помош при итни случаи придонесе да функционира и да се развива 112 како број што корисно ги поврзува сите: и граѓаните на коишто им е потребна помош и тие коишто помагаат на граѓаните при итни случаи, поточно, полицијата, итната медицинска помош, пожарникарите, ЦУК и сите координирани институции во Системот за управување со кризи на локално и на државно ниво.
Инаку, аспирациите за можното функционирање на Е-112 и во нашата држава, како и во Европа и Светот, датираат од формирањето на ЦУК од 2005 година, а и пред тоа, поточно од почетокот на функционирањето на 112 во Европската Унија од 1991 година.
Но, поконкретните чекори почнаа од 2016-та година преку европски проект за воспоставување на телефонскиот број за итни повици, случаи, Е-112 во рамки на програмата за финансирање „ИПА 2“. Со тоа, преку Европската комисија, претставувана од Делегацијата на ЕУ во Скопје, со овој проект што сега веќе и една година е реализиран, функционален и се доразвива во ЦУК, се придонесе да се исполни обврската на нашата држава за да се усогласи со европската директива 2008/113/ЕС при пристапните преговори со ЕУ, при што беше предвидено дека Е – 112 треба да биде целосно имплементиран.
Општата цел на тој процес на имплементација беше во насока да се зајакнат капацитетите на соодветните институции, за да се обезбеди континуирана координација, навремена реакција, ефикасно и соодветно искористување на расположливите можности и ресурси во случај на криза, како и навремена, квалитетна и реална проценка на ризици и закани за безбедноста на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.

