Македонија
НВО од Македонија доби награда за делување во областа на човековите права
ХОПС – Опции за здрав живот е добитникот на Меѓународната награда за ХИВ/СИДА и човекови права за 2010 година, објави денеска Канадската правна мрежа за ХИВ/СИДА и Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch).
ХОПС – Опции за здрав живот е добитникот на Меѓународната награда за ХИВ/СИДА и човекови права за 2010 година, објави денеска Канадската правна мрежа за ХИВ/СИДА и Хјуман Рајтс Воч (Human Rights Watch). Наградата со која се одликуваат извонредни поединци и организации кои работат на заштита на правата и достоинството на луѓе кои се под ризик или влијание на ХИВ/СИДА, била доделена денеска во Виена на 18. меѓународна конференција за ХИВ/СИДА. “Сексуалните работници секојдневно се соочуваат со прекршувања на нивните човекови права, вклучувајќи и дискриминаторско одбивање на здравствени услуги, произволни приведувања од страна на полицијата, малтретирање, и сексуално и физичко насилство,” изјавил Ричард Елиот, извршен директор на Канадската Правна Мрежа за ХИВ/СИДА, при доделувањето на наградата, како што стои во соопштението. “Оваа награда го потврдува огромниот придонес на ХОПС во потрагата по правда за сексуалните работници и во подобрувањето на нивниот пристап до здравствени, социјални и правни услуги,” рекол Елиот. Почнувајќи од 1997 во Скопје, ХОПС ја отвара првата програма за размена на опрема за инјектирање во Македонија. Оттогаш, успешно спроведува неколку програми за намалување на штети, на тој начин спречувајќи го ширењето на ХИВ/СИДА и други сексуално и крвно преносливи инфекции. Ја поддржува и социјалната реинтеграција и ре-социјализација на младите и ранливите групи, како што се корисниците на дрога, сексуалните работници и нивните семејства. ХОПС спроведе кампања за застапување по полициската рација насочена кон сексуалните работници што се случи во ноември 2008. Според нив, властите тогаш насилно ги тестирале приведените, за ХИВ и Хепатит Ц и објавија фотографии и видео снимки на приведените сексуални работници. Кампањата привлече меѓународно внимание и отвори дијалог со полицијата за намалување на бројот на насилни инциденти против сексуалните работници од полицајци, и ги подобри полициските реакции при насилство врз сексуалните работници од трети лица. Наградите за делување во областа на ХИВ/СИДА и човекови права беа воведени во 2002 година од Канадската Правна Мрежа за ХИВ/СИДА Хјуман Рајтс Воч. Годишно се доделуваат две награди и тоа една во Канада, а една на меѓународно ниво. Овогодишната канадска награда беше доделена минатиот месец на Ралф Јиргенс, адвокат и застапник за човекови права и СИДА, кој веќе 25 години работи во одбрана и промоција на човековите права, со особен фокус на правата на луѓето кои користат дроги и луѓето во затвори или други затворени установи./крај/со/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

