Македонија
Макрадули: Јанкулоска ќе биде запаметена по инсталирањето полициска држава
Пратеникот Јани Макрадули образложувајќи ја интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, во петок рече дека таа ќе биде запаметена по периодот во кој во „Македонија се инсталирала полициска држава“.
Пратеникот Јани Макрадули образложувајќи ја интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, во петок рече дека таа ќе биде запаметена по периодот во кој во „Македонија се инсталирала полициска држава“.
Повод за поднесената интерпелација од страна на опозициските СДСМ и НСДП е инцидентот што се случи во Собранието на 1 јули.
„Вие ни пресудивте уште пред 1.јули, белешките беа напишани уште пред да почне расправата, а за што? За да го сокријат срамот од лажните ветувања пратениците од ВМРО –ДПМНЕ го викнаа партискиот дел од МВР да ги брани од сопствениот народ. Упадот на полиција во нормална демократија значи оставка за една Влада“, рече Макрадули.
Според него, МВР е главен трошок на Буџетот, а се занимава со газење на стечајци, со сатанизација на роднини на пратеници од СДСМ, со рекетирање на успешни бизнис компании, а Јанкуловска е присутна буквално секаде.
„Министерке, вас ве има како мирудија во секоја недемократска манџа во која се кршат основните човекови права и слободи веќе четири години во Република Македонија“, рече Макрадули, обраќајќи и се на министерката Јанкулоска.
Тој ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да гласаат за интерпелацијата.
„Почитувани пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, денеска пробајте да гласате да можете слободно да зборувате на телефон. Денеска пробајте да гласате да престанете да шепотите. Денеска пробајте да гласате за да престанете да ја вртите наназад главата кога разговарате со опозицијата. Гласајте и кажете не за полициска држава и гласајте за да направите нешто за Македонија“, рече Макрадули.
Министерката Јанкулоска на почетокот од одговорот им се заблагодари на потписниците на интерпелацијата за, како што рече, можноста да се расветли инцидентот.
„Доволно е да се погледнат снимките и фотографиите. На нив јасно е видливо колку тајниот снимател е прикриен. Впрочем „тајниот“ снимател е истиот оној човек кој надворешно физички го обезбедуваше домот на поранешниот премиер Бучковски. На фотографиите јасно е видлива издржаноста на манипулациите кои имаше обид да бидат протнати во јавноста дека „дел од пратеничката група на СДСМ била нападната“ или дека на пратениците им било ограничувано движењето. Единствено што мене не ми е јасно, тоа е чувството на пратениците чии раце може да ги видиме на фотографијата како туркаат и влечат“, рече министерката Јанкулоска образложувајќи го одговорот на интерпелацијата.
Таа ги праша пратениците од опозицијата дали имаат совест и намера да испратат извинување до, како што рече, човекот што беше понижен.
„Вољата да се прифати одговорноста е извор на себепочитувањето. Доколку постоеше барем малку воља, тогаш полициските службеници немаше да се прогласуваат за силеџии, вандали или дури и жртви на мобинг кои биле принудени на нешто. Доколку постоеше малку воља ќе запреа манипулациите во јавноста и ќе беше почитувана реакцијата на полицискиот синдикат кој најостро го осуди нападот врз полицискиот службеник и инсистираше одговорните да понесат соодветни санкции, бидејќи според синдикатот, како што полициската значка не смее да биде заштита од одговорност, исто така и пратеничкиот имунитет не може и не смее да биде дозвола и амнестија за какво било вандалско однесување“, рече Јанкулоска.
Пратениците во Собранието на Република Македонија во петок во рамки на 116-та седница расправаат по интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Директен повод за поднесување на интерпелацијата за работата на Јанкулоска од страна на опозициските СДСМ и НСДП е инцидентот што се случи во Собранието на 1 јули годинава.
Според собранискиот Деловник, интерпелацијата се поднесува до претседателот на Собранието, кој веднаш ја доставува до оној на кого му е упатена и до пратениците, а претресот трае најмногу еден работен ден./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..