Македонија
Да го победиме расколот – Порака за Рамазан
Го молам Алах да ни овозможи месецот Рамазан да го поминеме во ибадет, да го зајакнеме доброволниот прилог, да се покаеме за нашите лоши дела, да ги победиме расколот и недоразбирањето, да го зајакнеме единството на Исламот и на Исламска верска заедница.
Го молам Алах да ни овозможи месецот Рамазан да го поминеме во ибадет, да го зајакнеме доброволниот прилог, да се покаеме за нашите лоши дела, да ги победиме расколот и недоразбирањето, да го зајакнеме единството на Исламот и на Исламска верска заедница.
Ова е дел од пораката што во вторник Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Ефенди Сулејман Реџепи им ја испрати на верниците на светиот месец Рамазан.
„ИВЗ во изминатиот период имаше бројни позитивни резултати во својата работа, што претставува гаранција дека истат и во наредниот период ќе продолжи во таа насока, без разлика што ќе има структури кои ќе посакуваат нејзиниот забрзан развој да го попречуваат. Ние немаме друга Исламска верска заедница и оваа постојната е наша и ни припаѓа на сите нас. Нејзиното постоење и зацврстување е можно само со почитување на нејзините правила и на нејзиниот внатрешен ред и мир“ порача Реџепи.
Од среда започнува започнува најважниот и најсветиот месец на исламската вера. Тоа е деветти месец во муслиманскиот, лунарниот календар. Рамазан е време на пост, молитва, солидарност и милост, во кој муслиманските верници целодневно се воздржуваат од консумирање храна, цигари, алкохол, но и од лоши мисли, идеи и дела. Постот почнува со изгрејсонце (суфур) и трае до зајдисонце (ифтар).
Јадење и пиење се дозволени во текот на ноќта. Од пост се ослободени децата, бремени жени, доилки и болни.
Во последните неколку месеци Исламската верска заедница се соочи со превирања и раскол меѓу муслиманските верници.
Рамадан Рамадани беше обвинет од ИВЗ дека шири вахабизам и му беше забрането да одржува молитви.
Жестоките превирања на релација ИВЗ и приврзаниците на Рамадан Рамадани пред неколку недели прераснаа во инцидент. Наместо петочна молитва, скопскиот муфтија беше избркан со клоци и тупаници. Приврзаниците на Рамадани го претепаа скопскиот муфтија и поранешниот пратеник Ештреф Алиу.
Распуштениот оџа пак, Рамадани собра над 7.000 потписи за смена на поглаварот Реџепи. Го обвинува за финансиски малверзации. Собирањето на потписи кое почна пред седум дена, како што најави тој, ќе паузира од почетокот на празникот Рамазан, кој започнува во среда на 11 август.
Поглаварот на ИВЗ во понеделник попладне беше на средба и со американскиот амбасадор Филип Рикер. Час и половина разговарале за актуелните случувања во Исламската верска заедница и го осудиле ширењето на радикалните исламски структури во земјава. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

