Македонија
Министерството за екологија ќе ја презентира предлог-програмата за унапредување на животната средина
Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи 115. седница, на чиј дневен ред се повеќе точки.
По предлог на Агенција за млади и спорт, Владата, како што посочија од владината прес-служба, ќе ја разгледа предлог-програмата за развој на спорт и млади за 2019 година, како и предлог-програмата за распределба на средства од игри на среќа и забавни игри за 2019 година за финансирање на националните спортски федерации и проекти на Агенцијата за млади и спорт за унапредување на спортот во Република Македонија.
На седницата Владата ќе се произнесе и за годишната програма со финансиски план за 2019 година, на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони со предлог-одлука, како и годишната програма за работење на Агенција за планирање на просторот во 2019 година.
На дневен ред на денешната седница, се вели во соопштението на Владата, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе ја презентира предлог-програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2019 година, а Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството финансискиот и годишниот план за работа на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството за 2019 година.
На денешната седница на Владата на РМ на дневен ред се и информациите за проектот за самовработување со кредитирање, проектот кредитирање правни субјекти за отворање нови работни места, проектот за самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години и проектот кредитирање правни субјекти за отворање нови работни места за млади лица до 29 години со предлог-одлука за изменување на одлуката за формирање управен одбор на проектот – самовработување со кредитирање и проектот – кредитирање правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање нови работни места на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Министерството за животна средина и просторно планирање, велат од Владата, на оваа седница ќе ги презентира предлог-годишната програма за заштита на природата за 2019 година, предлог-програмата за унапредување на животната средина за 2019 година и предлог-годишната програма за финансирање изработка на просторен план на Република Македонија за 2019 година.
На оваа седница Владата ќе се произнесе и за предлог-програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за 2019 година на Министерство за економија, како и информацијата во врска со донесување програма за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година со предлог-програма, и предлог-програма за развој на туризмот на Република Македонија за 2019 година. На денешната седница, меѓу другото, Министерството за правда треба да го презентира и предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

