Македонија
Студентите се принудени да членуваат во СПУКМ
Студентите на дел од факултетите тврдат дека се принудени да членуваат во Студентскиот парламент и да плаќаат по 200 денари за да ја запишат новата студентска година.
Студентите на дел од факултетите тврдат дека се принудени да членуваат во Студентскиот парламент и да плаќаат по 200 денари за да ја запишат новата студентска година. На интернет страниците на Филозофскиот и Економскиот факултет во потребните документи за запишување на студенти на прв циклус на студии јасно стои дека за да се запишат новите студенти, ќе мора да платат по 200 денари на сметка на СПУКМ, и покрај тоа што студентскиот правобранител веќе утврди дека студентите не мора да ја плаќаат оваа членарина ако не сакаат. Активисти на независното студентското движење „Слободен Индекс“ за Макфакс велат дека ги потврдиле своите сомневања за барањата на Факултетите да станат членови на СПУКМ откако на „студентски прашања“ на Филозофскиот факултет во Скопје им кажале дека овие 200 денари мора да се платат за упис на новата година. И покрај нивната реакција дека студентите не мора да ги платат овие средства ги препратиле да се информираат кај Продеканот. Продеканот на Филозофскиот Факултет, Доц. Д-р. Никола Жежов вели дека факултетите не можат да решат дали да ја укинат оваа такса бидејќи тие не се правен субјект и само ги спроведуваат одлуките на Ректоратот. Макфакс контактираше и со Никола Главинче, Студентскиот правобранител кој вели дека постојат информации дека на некои факултети се уште се наплаќа ова членство, но дека во никој случај тоа не смее да биде обврзувачко. „До лани беше обврзувачки, но потоа беше укинато и сега студентите не мораат да ја плаќаат оваа такса доколу не сакаат. Одговорно тврдам дека не постои никаква одлука на Ректоратот за задолжително плаќање на таксата,“ рече Студентскиот правобранител за Макфакс. Иван Живковски, претседателот на СПУКМ, не е достапен за коментар. Министерот за образование и наука, Никола Тодоров на денешниот брифинг со новинарите рече дека се согласува оти студентите не треба да бидат принудени да станат членови на одреден Студентски Сојуз или Студентски Парламент, без притоа да бидат претходно прашани дали сакаат да членуваат во него, и дека ќе го провери ценовникот на факултетите на терен. „Секој универзитет има ценовник и треба да провериме дали тие средства кои ги наплаќаат се во рамките на ценовникот кој е одобрен или отстапуваат од него, а доколку отстапуваат ќе реагираме веднаш,“ рече Тодоров и додаде дека уште во текот на утрешниот ден ќе биде испратена инспекција на факултетите за да се утврди ситуацијата. Студентскиот правобранител на трибина организирана од СПУКМ во февруари 2009 година кажа дека студентите не мора да ја плаќаат членарината од 200 денари за СПУКМ и не мора да бидат нивни членови ако не сакаат. Во целата оваа работа каде институциите си ја префрлаат топката од едни на други единствени кои губат се студентите, кои покрај другите трошоци за студирање на одредени факултети не се информирани дека не мораат да плаќаат за членство во одреден студентски сојуз. Сега останува да се види дали Министерството за образование и наука ќе го одржи своето ветување и ќе испрати инспекција за да утврди дали постоело незаконско наплаќање за членство во СПУКМ. /крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.

