Македонија
Ќе се либерализира доменот мк. преку МАРнет
Со новиот Закон за МАРнет (Македонската академска истражувачка мрежа) ќе се либерализира доменот мк. што ќе значи отвoрање на повеќе филијали низ државата во кои сите физички и правни лицa ќе можат да регистрираат свои веб страници.
Со новиот Закон за МАРнет (Македонската академска истражувачка мрежа) ќе се либерализира доменот мк. што ќе значи отвoрање на повеќе филијали низ државата во кои сите физички и правни лицa ќе можат да регистрираат свои веб страници.
Мирјана Секуловска, заменик – министер за информатичко општество на денешната средба за новинари рече дека во новиот закон за МАРнет, кој е управител на доменот мк предвидено е истиот слободно да се даде на пазарот
„Фирмите кои вршат услуги за регистрирање на домени ќе имаат комуникација со главниот управител на доменот мк., односно со МАРнет а тоа значи дека ќе може и преку интернет да се регистрира домен“ – рече Секуловска
МАРнет која до сега функционираше како организациона единица на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, со новиот закон кој беше изгласан овој месец, мрежата ќе премине во Јавна Установа и ќе биде во функција на сите универзитети, сите средни и основни училишта и научно истражувачки центри.„Постојат препораки од ЕУ, доколку сакаме да станеме информатичко општество да се стави акцент на развојот на академски истражувачки мрежи со брз и безбеден интернет кои ќе се користат од страна на универзитетите и научно истражувачките центри на сите образовни и културни институции и преку тие мрежи да се едуцираат идни човечки ресурси.“ – вели Секуловска
Со МАР нет кој треба да започне со работа од први јануари следната година ќе управува директор избран по пат на конкурс и Управен Одбор составен од седум члена меѓу кои 5 универзитетски професори, што ќе значи дека Универзитетите се тие кои ќе управуваат со мрежата.
„МАРнет ќе ја води затворената комуникациска мрежа, ќе се грижи за одржување и развивање на мрежата управување со врските меѓу корисниците на телекомуникациските услуги, ќе се грижи за брз и безбеден интернет воспоставување на комуникации со другите национални академски мрежи, ќе воспоставува врска со меѓународни проекти и ќе води регистар на домени“ – додаде Секуловска.крај/кс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Синдикат на култура: Преседан во културата, министерот Љутков повторно против колективните договори
Министерот за туризам, „културно“, но доста ехидно и веќе видено (за Велигден), сега им ја честиташе Новата година и божиќните празници на вработените во културата со честитка во форма на „Упатство“, со кое ПОВТОРНО се обидува да го поништи она што судот веќе јасно и недвосмислено го утврди: дека платите во културата мора да се зголемат согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор, односно за 10% од основната бруто плата утврдена со Колективниот договор за културата, велат од Синдикатот на културата (СКРМ).
Според нив, наместо да спроведе судска пресуда, министерот самоволно и тврдоглаво, незнајно од кои причини, повторно ја воведува истата незаконита формула – т.н. „разлика меѓу август и септември 2023“, формула која, како што велат, судот експлицитно ја прогласи за спротивна на Општиот колективен договор и на утврдените права на вработените.
Со ваквото дрско и свесно постапување, велат од Синдикатот, кое претставува морална недоличност со умисла, преку одбивање да се постапува по службена должност и преку непочитување на универзалните начела на правото, господинот министер не само што ги пречекорува своите овластувања, туку се поставува над судот, над колективните договори и над законите.
„Ова е директно кршење на владеењето на правото, создавање правна несигурност и грубо мешање во веќе утврдени работнички права. Ова не е „упатство“, туку обид за поништување на правниот поредок во културата. Не станува збор за никаква „административна грешка“, туку за свесно и јавно кршење на колективните договори, самоволно редефинирање на платите и демонстрација дека господинот министер си зема за право да ИЗМИСЛУВА права, наместо да ги спроведува. Ова „упатство“ е срочено без ИССО стандарди, нема кој го составил и кој го одобрил, потписот на министерот е осамен – како министерот сам да го срочил – затоа што е јасно: никој што ги познава законите не сака да стави потпис на ваков противзаконски документ. Министерот за туризам, кој во моментов си ја додели улогата на правник, адвокат и судија, утре можеби вештак, а зошто да не и премиер, мора да научи една едноставна, но суштинска лекција: не постои акт на министер што е над судска пресуда и над колективен договор“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека СКРМ нема да дозволи платите во културата да се пресметуваат по „министерска математика“, наместо согласно закон и колективни договори.
„Повторно ќе ги преземеме сите расположливи правни механизми – од управни спорови, до иницирање постапки за утврдување кривична одговорност – со цел да се запре ова самоволие и да се заштитат правата на вработените во културата, кои добро знаат колку трнлив беше патот до склучување на Колективниот договор, на кој очигледно министерот заборави откако стана дел од извршната власт. Кога извршната власт се поставува над судската, во случајов – Вие, господине министре – тоа не е чин на управување, туку чин на узурпација на воспоставените и договорени норми и правила кон кои, барем декларативно, и самите се стремите. Или не? Дали премиерот Христијан Мицкоски знае дека министерот за туризам донел упатство без претходно да биде свикана Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, како што јасно стои во информацијата на Влада од 9 декември 2025, што по редот на нештата треба да е основа за да се донесе какво било упатство за проблем кој зависи од сосема други страни. Дали господинот министер, со ова самоволие преку ова упатство, покрај тоа што се става над законите и судовите во државата, има намера да делува спротивно на насоките на владата од која е дел?“, прашува синдикатот.
„Затоа СКРМ учтиво возвраќа на вашата „честитка“ со следнава порака: „Изнудени судски пресуди“, „донесени на начин на кој се донесени“ и „без вештачење“ – цитат, постојат исклучиво во Вашата имагинација и претставуваат произволни конструкции со кои се обидувате да ги оправдате сопствените погрешни постапки по преземањето на министерската функција. Конечно, имајте доблест да ја преземете одговорноста за своите постапки и да покажете здрав разум, бидејќи не Вие, туку судот одлучува дали е потребно вештачење и под кои услови се носи судска пресуда. Ниту еден министер нема уставна или законска надлежност да ја преиспитува или релативизира судската одлука по сопствено убедување. Со вакво однесување, преку континуирано кршење на законите и колективните договори, не се добиваат поени во една Влада; напротив, директно се нарушува нејзиниот кредибилитет и се урива нејзиниот рејтинг. СКРМ доби уште 13 судски пресуди кои со претходните две се веќе 15, и истите ќе бидат објавени. Среќни и весели празници, министре!“, пишува во соопштението на СКРМ.
Македонија
Валбон Лимани претстави 3 проекти: 345 нови паркинг-места и трансформација на центарот и градскиот парк во Гостивар
Кандидатот за градоначалник на Гостивар од Националната алијанса за интеграција, Валбон Лимани, претстави три проекти: 345 нови паркинг-места и трансформација на центарот и градскиот парк во Гостивар.
„Денес презентираме конкретни проекти кои имаат за цел да го трансформираат Гостивар во функционален, зелен и отворен град за сите, каде модерната инфраструктура коегзистира со рекреативни и културни простори. Подземниот паркинг во близина на Општината е еден од клучните проекти што има за цел решавање на овие проблеми. Во центарот на градот планираме изградба на модерен подземен паркинг со 126 паркинг-места, опремен со современа безбедносна технологија и брз пристап до јавните институции, трговските и културните објекти. Оваа инвестиција ќе ги ослободи јавните простори од хаосот на автомобилите, ќе ја намали загаденоста и бучавата и ќе го направи центарот на градот почист и поорганизиран“, рече Лимани.
Тој кажа дека трансформацијата на центарот на градот е следниот чекор кон модерен Гостивар.
„Центарот ќе премине од преоптоварен простор во место на гордост за секој граѓанин. Проектот предвидува изградба на подземен премин за возила и пешаци, како и подземен паркинг со 219 паркинг-места во срцето на градот. Површината над земја ќе се трансформира во модерна јавна платформа, со зелени површини, детски игралишта, рекреативни зони и културни простори за концерти, изложби и различни настани“, рече Лимани.
Друг значаен проект, додаде Лимани, е Рекреативниот езерец и Павилјонот во Градскиот парк на Гостивар.
Според него, овој проект додава нов природен и релаксирачки елемент, со интервенција на само околу 10% од површината на паркот, во зоната помеѓу Градскиот стадион, реката Вардар и постојните патеки.
„Главните елементи вклучуваат: -рекреативен езерец од 2.200 м², со длабочина до 1,5 метри; -дрвен мост од 245 м²; -простор со чакал од 900 м². Овој езерец придонесува за зачувување на биодиверзитетот преку создавање природно живеалиште, додека павилјонот и дрвениот мост нудат простори за одмор, прошетки и социјална интеракција. Областа околу стадионот ќе се оживее и ќе се претвори во урбана референтна точка со висок рекреативен и туристички потенцијал за Гостивар“, рече Лимани.
Македонија
Ѓорѓиевски подготвуваше оброци за народните кујни на Скопската епархија, ги повика сите кои можат да се приклучат
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се приклучи во подготовката на оброци за народните кујни на Скопската Епархија, во рамки на хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево.
„Заедно со отец Оливер од хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево, подготвивме повеќе од 200 оброци кои ќе бидат распределени во пунктовите на народните кујни на Скопската Епархија. Мал гест, но со силна порака дека човечноста живее и дека добрината не згаснува. Свесни сме дека не можеме да помогнеме насекаде и на сите. Но можеме да дадеме сè од себе за оние на кои им е најпотребно, за нашите сограѓани да знаат дека не се сами. И токму тоа го правиме со срце, со искреност и со вера. Со отец Оливер, човек кого е благослов да го имаш покрај себе и кој секојдневно сведочи дела достојни за длабока почит, сме заедно уште од самото формирање на организацијата. Зад нас стојат бројни хумани дела, а пред нас уште многу можности да правиме добро. Така ќе продолжиме и понатаму. Затоа што само преку добри дела, без разлика на политичка, верска, етничка или каква било припадност, можеме да создадеме насмевки и да внесеме светлина таму каде што таа недостига. Ги повикувам сите кои можат, кои имаат и кои во срцето носат желба да помогнат, да се приклучат на оваа благородна мисија“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

