Македонија
Ивановски: Ова не е лустрација туку кастрација и сатанизација
Претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, по конечното решение на Комисијата за лустрација дека бил соработник на тајните служби денеска излезе со тврдење дека неговото досие се уште се дообработува.
Претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, по конечното решение на Комисијата за лустрација дека бил соработник на тајните служби денеска излезе со тврдење дека неговото досие се уште се дообработува.
Тој тврди дека имало измени во досието што му било дадено на увид на 24 септември оваа година и во решението што денеска му го доставила Комисијата за лустрација.
Според неговите тврдења, имало измени во досието во два дела, на кои тој укажал и при неговото јавно соочување со членовите на Комисијата.
„Во истото досие имаше податок дека во 1983 година Органот направил предлог за пререгистрација. Јас тогаш кажав дека белешката за пререгистрација се однесува на друго лице кое нема никакви карактеристики со моите. Ова е направено со цел да се фалсификува и на тој начин да се докаже дека имало континуитет во соработката. Сега во решението кое го добив стои дека соработката била прекината во 1983 година од нивна страна кога јас сум се вработил во општина Карпош. Комисијата не проверила дека јас во Карпош сум работел како секретар на Собрание на општина Карпош од ноември 1977 година до април 1982 година“ изјави Ивановски и додаде дека тогаш веќе бил во Град Скопје.
Друга промена во досието, според Ивановски била направена во потврдите што му биле доставени за примање на материјална помош. Во првото досие имало три белешки, од кои едната, според Ивановски била фалсификат,а сега во решението имало само две белешки за примање на материјални средства.
„Ако е така, што треба дополнително да проверам, ќе поднесам кривични пријава за манипулација во досието, дали од страна на Архивот или од страна на Комисијата или таквите податоци се содржина на органот од 1964, 65-та, односно УДБА“ рече Ивановски.
Тој најави дека нема да се повлече од функцијата бидејќи не постоел писмен документ дека тој соработувал со тајните служби и повтори дека нема намера да се повлече од функцијата.
„Ниту сум дал согласност, ниту има писмен документ, ниту сум соработувал со тајните служби“ вели Ивановски.
Тој вели дека членовите на Комисијата воопшто не се потрудиле да проверат дали се работи за соработка или за нешто друго. Ивановски не знаел дека бил следен од тајната служба и дека се водело досие за него. За ова дознал во 1984 година, кога бил попречен да биде генерален секретар на општина Карпош бидејќи имал досие во кое стоело дека се залагал за обединување на Македонија. Тогаш не мислел дека неговата идеја за обединета Македонија еден ден ќе му се врати како бумеранг.
Според него, тој признал дека е учесник во организацијата која се залагала за обединета Македонија и признал дека има и други соучесници, по тешка тортура, приведување и малтретирање.
„Иронијата за да биде уште поголема во самото решение стои констатацијата дека службата го ангажирала во соработничка мрежа бидејќи соработката со радост ја прифатил и дека се би дал за службата“ рече Ивановски наспроти неговите тврдења дека бил притворан и прогонуван, а до него стигнувале закани и за физичка ликвидација.
„Поаѓајќи од функцијата која ја вршам и со оглед на тоа што на Уставен паднале повеќе неуставни закони, сето тоа служи за да се лустрира кочничарот на реформите на Владата“ вели Ивановски.
За неговиот сомнеж изразен по неговото јавно соочување со членовите на Комисијата за лустрација, тој вели дека бил изразен во емотивни и стресни моменти. Најави дека ќе ги употреби сите правни елементи за да докаже дека не вистина дека соработувал со тајните служби.
„Инспекторот“ кој го следел поради неговата средношколска организација, според информациите на Ивановски е мртов. Досието не го поништил во 84-та година, бидејќи не знаел дека „ова петно ќе се злоупотреби“./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

