Македонија
Дебата: Итен прекин на разговорите за името со Грција
Итен прекин на разговорите со Грција во однос на името на Македонија денеска побараа претставници на македонското малцинство во Албанија и Косово.
Итен прекин на разговорите со Грција во однос на името на Македонија денеска побараа претставници на македонското малцинство во Албанија и Косово. Во рамки на кампањата на „Македонското меѓународно движење за човекови права“ и „Австралиско-македонскиот комитет за човекови права“ за прекин на разговорите, тие побараа да прекинат дебатите во однос на тоа дали ние сме или не сме Македонци, а барањата на грчката страна ги нарекоа апсурдни и бесмислени. Според Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец и претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, промената на државното име на Македонија ќе значи и нивно бришење од националните регистри во Албанија, каде во одредени делови се признава нивното постоење. „Ние, Македонците во Албанија, сме жив нишан и сведок дека имаме поминато низ многу тешкотии, лоши работи, сиромаштии, притисоци. Тоа што не има одржано на тие простори, тоа што го има зачувано нашиот јазик, идентитет, култура, е македонскиот дух, нашата душа. Ние сме тоа што сме – Македонци. Доколку било каква работа се случи со името Македонија, ние Македонците во Албанија ќе бидеме избришани од регистрите како такви“, рече Темелко. Во иста линија размислува и Исмаил Бојда, претседател на Македонците со исламска вероисповед. Според него, никој нема мандат да разговара и договара промена на државното име Македонија. Таквиот евентуален чекор, според него, ќе претставува велепредавство. „Македонија нема обврска да договори примена на државното име. Обединетите Нации немаат мандат за промена на државно име на земја членка. Македонија изразила добра волја да разговара за државното име, но не под услов да го промени“, рече Бојда. Според Јана Лозаноска, магистер по меѓународно право, не може да се очекува решение во спорот поради разликите што меѓу Македонија и Грција постојат во однос на името како такво и евентуалните додавки, опсегот на употреба, како и јазичниот и националниот идентитет. Смета дека име на една држава не може да повлече територијални претензии кон друга. „Се работи за физичко разграничување на територијата на Античка Македонија, која постоела во минатото од државата Република Македонија, која егзистира во сегашноста и е создадена и заснована на постоечките демократски принципи и вредности и која има јасно утврдени граници и систем. Овие барања на грчката страна за промена на нашето име ќе беа поиздржани доколку ние се нарекувавме Античка Македонија. Во овој случај, целосно паѓаат во вода. Дополнително на тоа, барањата покажуваат дека Грција сака да оствари предност на името на својата провинција во рамки на своите граници во апстрактна смисла врз името на државата, но не само во апстрактна, туку и во функционална смисла, затоа што сака името на провинцијата да го крене над името на државата. Тоа во функционална смисла и во меѓународните односи е нешто што е комплетно апсурдно“, рече Лозаноска. Скоро решение на проблемот не очекува ниту грчкиот новинар Јоргос Пападакис. Главната причина за спорот ја гледа во желбата на Грција во рамки на нејзината територија да нема малцинство кое ќе се нарекува „македонско“. „Грција моментално бара од Македонија нешто за кое знае многу добро дека не е прифатливо, како што е да се додава придавка на името на Република Македонија и затоа го предлага тоа. Политичките елити во Грција знаат дека нема да има никој во Македонија што ќе прифати нешто слично. По повеќе од 15 години, колку што се бавам со прашањето на односите меѓу Македонија и Грција мојот заклучок е дека Грција само сака да нема македонско малцинство во Грција. Главната причина за сè што бара Грција од Македонија и од меѓународната заедница е дека Грците не сакаат да имаат едно малцинство кое ќе се нарекува македонско“, рече Пападакис. Дел од учесниците на денешната прес-конференција побараа властите да ги известат Обединетите нации дека државата своето членство во светската организација ќе го продолжи под името Република Македонија. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

