Македонија
Студентите на Штипскиот Универзитет плаќаат 710 денари за парламенти
На студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во потребните документи за упис им се бара и потврда за уплатени 710 денари – за студентски парламент, студентски правобранител и студентски активности.
На студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во потребните документи за упис им се бара и потврда за уплатени 710 денари – за студентски парламент, студентски правобранител и студентски активности. На интернет сајтот на Правниот факултет при Универзитетот стои дека ако студентите сакаат да запишат 3-ти, 5-ти и 7-ми семестар, треба да ги платат и овие 710 денари за парламентите кои се невладини организации. Жиро сметката за уплата е на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. На сајтот никаде не е наведено дека оваа потврда не е задолжителна. Ристо Кустуранов, секретар при Ректоратот на Универзитетот, на прашање на Макфакс дали знае дека студентите никој не може да ги принуди да бидат членови на невладини организации, изјави дека овие пари не оделе само за студентските парламенти туку и за други активности. „Тоа не е само за студентските парламенти, тие пари одат и за спортски активности, и за интернет, и за други студентски активности,“ рече Кустуранов, иако на сајтот стои дека на студентите плаќаат плус 390 денари за спортски активности. Тој додаде дека доколку студентските парламенти донесат одлука да не се наплаќа оваа потврда, тие ќе ја спроведат. „Наплаќањето на овие средства не е до нас, тие си имаат парламент, тие ќе си донесат одлука, ако решат да не се плаќа нема да се плаќа. Тоа си се нивни пари и тие си ги трошат наменски за свои активности“, рече Кустуранов. Макфакс, кој ја отвори темата со изнудената членарина од студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, веќе пишуваше дека студентите со години плаќале стотици илјадници евра за членарина во студентските парламенти, во кои не биле информирани дека не мораат да членуваат бидејќи тие се невладини организации. Ако хипотетички се направи груба пресметка дека 30.000 студенти годишно на УКИМ плаќале по 200 денари за членство во студентските парламенти, тогаш секоја година на нивна сметка студентите „донирале“ по најмалку 100.000 евра. По бурните реакции во јавноста и неколку неделни натегања на институциите, Претседателот на Студентскиот парламент на УКИМ, Иван Живковски изјави дека на секој студент кој ќе поднесе барање до матичниот студентски парламент при својот факултет ќе му биде вратена членарината од 250 денари. Студентската членарина стигна и до Уставниот Суд на Република Македонија, откако активистите на неформалното студентско движење „Слободен Индекс“ поднесоа претставка за незаконското наплаќање за членство на студентите во Студентските парламенти.крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

