Македонија
Бергант: Преку дијалог до решение за грчко-македонскиот спор
Преку дијалог, до решение, како и инволвирање на Европската Комисија во решавањето на македонско-грчкиот спор, е ставот на словенечкиот амбасадор во Македонија,
Преку дијалог, до решение, како и инволвирање на Европската Комисија во решавањето на македонско-грчкиот спор, е ставот на словенечкиот амбасадор во Македонија, Алан Брајан Бергант, кој денеска учествуваше на тркалезна маса посветена на регионалната соработка на Западен Балкан – на пат кон заедничката цел евроатланските интеграции.
„Она што Македонија би можела да го земе како позитивен пример е дека преку дијалог може да се дојде до решение. Тоа е она што треба да го прифатите од нашиот модел. И во вашиот случај е потребно инволвирање на ЕК . Тоа значи дека македонската влада треба да покаже поактивна улога, да ја замоли ЕК или претседателот на ЕУ да бидат поактивни во изнаоѓање на решение за спорот. Сметам дека сите сме заинтересирани Македонија да добие датум за преговори“, изјави Бергант, правејќи споредба на македонско-грчкиот спор со хрватско-словенечкиот.
Според Бергант државите е добро да се поврзуваат регионално и рече дека Словенија во земјите од Западен Балкан ги гледа вистинските сојузници за напредување.
„Нашиот проблем во 1991 година беше тоа што Словенија не знаеше во која група држави припаѓа. Сега по дваесет години, кога се идентификувавме дека припаѓаме на регионот Западен Балкан, сакаме што поскоро Хрватска да стане членка на ЕУ, Македонија исто така, бидејќи тие се вистинските сојузници, а ние сакаме да бидеме некој мост меѓу Западен Балкан и Средна Европа. И во ЕУ и во НАТО има држави кои се групираат. Мислам дека Словенија најдобрите сојузници ќе ги има од Западниот Балкан. Тоа е како Евровизија, ние ќе гласаме за вас, а вие за нас. “, рече Бергант.
Според Владимир Мисев од Институтот за демократија спорот меѓу Македонија и Грција, како пречка што Македонија не може да биде дел од европското семејство, не може да се реши по примерот на Хрватска и Словенија.
„Македонија има судски спор со Грција, кое што е многу поконкретно и мислам дека тука постои легитимна основа за да се бара правдата, но ова прашање не може да се реши по тој пат“, рече Мисев и додаде дека смета дека одлуката на судот во Хаг ќе биде позитивна, која во својство на препорака ќе биде политички многу силна.
Пратеничката Силвана Бонева изрази жалење што на тркалезната маса не беше присутна и амбасадорката на Грција во Македонија, Александра Пападопулу.
„Имаме прекрасна соработка на економски план и секаде каде што работите не зависат од политиката, но кога ќе се вклучи и политиката за решавање на најважното прашање дури тогаш можеме да кажеме дека сме направиле огромен исчекор во правец на стабилизација на Балканот. Како ќе станеме членки на ЕУ, кога,една земја одбива комуникација со пратеници. Како тогаш ќе комуницираме за другите прашања?, рече Бонева.
На денешната тркалезна маса посветена на регионалната соработка на Западен Балкан – на пат кон заедничката цел евроатланските интеграции, што се одржа во Собранието во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија, учесниците беа на заеднички став дека треба соработката да се интензивира во областа на безбедноста, економијата односно трговијата, енергетиката и сите сфери кои ќе придонесат за целосно нивно интегрирање во ЕУ. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

