Македонија
12 години затвор за Мијалков за масовно и нелегално прислушкување

Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков е осуден на 12 години затвор за масовното нелегално прислушкување од 2008 до 2015 година и уништување на системите за следење на комуникациите на МВР, заедно со опрема на телефонските оператори.
Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на четири години, откако судот пресуди дека таа ја спровела наредбата на Мијалков, формирала комисија и ја уништила опремата со која нелегално се прислушкувало. На тогашниот началник на Петтата управа на МВР, Горан Грујевски, кој заедно со Мијалков учествувал во прислушкувањето, му е досуден затвор во траење од 15 години. На Никола Бошкоски, кој исто така е во бегство, му е изречена 15-годишна затворска казна.
Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков во УБК, по чија наредба биле уништени системите за следење на комуникациите во МВР доби 6 години.
Обвинети дека формирале злосторничко здружување беа и Надица Николиќ, која доби три години. Владимир Варелов доби условна осуда, 2 години ако направи ново кривично дело во рок од пет години.
За Марјан Шумуликовски – условна осуда, а доколку направи ново кривично дело во рок од пет години ќе има затвор од две години.
Силвана Златкова – условна осуда, две години затвор ако во рок од пет години стори ново кривично дело.
Васил Исакоски – условна осуда, а ако стори ново кривично дело во наредните пет години ќе треба да издржи казна затвор од две години.
Валентина Симоновска – условна осуда, со казна затвор од две години доколку обвинетата во наредните пет години стори ново кривично дело.
„Мотивацијата и потребата да се воспостави целосната контрола врз целокупниот општествен живот доведува до таму да не се прислушува само политичкиот противник, туку се проширува и на соработниците. Поразително е што прислушувањето се вршело од УБК, од системи кои треба да служат да обезбедат безбедност на граѓаните. Со умисла е оневозможена опремата за прислушување за да не послужи како доказ во кривична постапка. Наводите дека не се прислушувало со надворешна опрема, немаат докази. Оваа кривична постапка треба да биде опомена и порака за институциите да воспостават контрола, за да нема вакви размери за злоупотреба. Доколку имало вакви механизми за контрола, нема да има злоупотреба од волкави размери. Судот со сиот респект на одбраната, актот за помилување нема правно дејство“, рече судијата Владимир Туфегџиќ.
„Судот се увери дека незаконитото прислушување и следењето на комуникациите е направено преку УБК, а не дека следењето е вршено од трета страна. Се утврди дека прислушувањето е извршено од злосторничкото здружение кое го организирал Сашо Мијалков. Организатор е Сашо Мијалков, кој поседувал реална моќ во општеството. Креатори на групата се и Горан Грујевски и Надица Николиќ. Судот ја ценеше одбраната на Мијалков, но не даде верба бидејќи е спротивно на докзите“, додаде судијата Туфегџиќ.
„Масовното прислушување се случувало во една од најважните институции во државата, во УБК. Со оглед дека овој предмет е еден од најважните предмети на СЈО, од кои зависат другите предмети, судечкиот совет направи напори да го реши во најкраток можен рок и да добие судски епилог“, рече судијката Џенета Бегтовиќ.
Предметот „Таргет-Тврдина“ се судеше три години. Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов докажаа пред судот дека по наредба на Мијалков како организатор на група се вршело нелегално прислушување без судски налог со системите во УБК. Тој и Грујевски ја имале контролата на сите прислушувани телефони и лично од своите компјутери и сами ги слушале разговорите. Обработка на поедини задачи вршела и Надица Николиќ, како и останатите вработени во УБК.
Ексминистерката Јанкулоска беше обвинета дека по наредба на Мијалков, а заедно со Тони Јакимовски, преку формирана комисија дале наредба да се уништат системите за следење на комуникациите на МВР. Со цел да се спречи докажувањето на нелегалното прислушкување, системите ги уништиле сега обвинетите Грујевски и Бошкоски. На овој начин ја оштетиле државата за 10 милиони евра.
Претходно, адвокатот Миле Петровски кажа дека Сашо Мијалков не ги следел комуникациите, ниту преслушувал разговори од неговата канцеларија во УБК. Беше побарано и ослободување на Мијалков од обвинението, бидејќи не сторил ништо од работите за кои го обвинуваа обвинителите.
Јанкулоска, пак, кажа дека нејзината совест е чиста. Таа посочи дека е жртва на овој, како што го нарече, монструозен процес.
Јанкулоска во завршните зборови побара ослободителна пресуда.
И службеничката Николиќ докажуваше дека не е виновна, барајќи да биде ослободена. Адвокатот на избеганиот Грујевски, во завршните зборови посочи дека нема да се изјасни за евентуална вина кај неговиот клиент, посочувајќи дека не треба да му се суди затоа што Грујевски не е во судницата и е во бегство.
Процесот го водеше судијката Џенета Бегтовиќ. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Над 130 физички и правни лица имаат поднесено и барање за оштета во предметот „Таргет-Тврдина“. Меѓу нив се ексфункционери, политичари, новинари, бизнисмени. Но, како оштетени, иако бараа, не се ставени ексминистерот Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
Јанакиески беше во 90 отсто од нелегално слушаните разговори, односно СЈО за него имаше над 80.000 снимки во кои разговара со различни луѓе. Голем број разговори има и ексминистерката Јанкулоска, која е осудена во истиот предмет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.