Македонија
12 лица под истрага по полициските претреси во Скопје: осомничени се за лихварство и перење пари
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, единиците на МВР денеска, по обезбедени Наредби од Основниот кривичен суд – Скопје, извршија претреси на повеќе локации низ Градот Скопје, поради основано сомневање за сторени кривични дела Лихварство и Перење пари и други приноси од казниво дело, соопшти обвинителството.
Обвинителот, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 12 осомничени лица за кои постои основано сомневање дека деветмина од нив како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека тројца се осомничени за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Деветмината осомничени од почетокот на 2022 година до денес се организирале во криминална група што се занимавала со давање на пари со договор, притоа договарајќи несразмерна имотна корист во пари, средства или недвижен имот. Тие искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица им позајмувале пари со пресметување на камата од 5% или 15% месечно зголемена за секое задоцнување. Од оштетените барале да им ги вратат позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата. Кога оштетените не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка, од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица.
Паричните средства што во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што ваквата несразмерна имотна корист на различни начини ја внесувале во легалните финансиски текови. Така, постои основано сомневање дека во истиот период, дванаесетмината осомничени и едно осомничено правно лице, како организирана криминална група за перење на пари, се стекнале со противправна имотна корист од 125 033 527 денари прибавена со кривичното дело Лихварство. Дел од прибавените пари кои осомничените во повеќе наврати од повеќе физички лица ги примиле на своите сметки или им биле дадени на рака, со цел да се добие привид дека средствата се легално стекнати ги пуштале и користеле за реализирање на трансакции кон сметки на правни и физички лица, дел ги презеле на сопствени сметки и со нив вршеле плаќање на своите животни потреби, со дел купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во текот на утрешниот ден ќе достави соодветни предлози за обезбедување присуство на осомничените, информираат од обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Жерновски и Филипче се доказ дека во СДС нема нов почеток, туку кадри што се симбол на неуспех, предавство и скандали
Кадри како Жерновски и Филипче се симбол на неуспех, предавства и скандали. Доказ за тоа дека во СДС нема нови лица, ниту пак некакви реформи е тоа што Андреј Жерновски е дел од раководството на Филипче. Прелетач од ЛДП во СДС на Заев, дојден за функција, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Жерновски, како што вели тој, е неуспешен и скандалозен дипломат.
„Шеташе по Букурешт, претставувајќи се како амбасадор на Македонија, а притоа немаше добиено акредитации за истото. Јавноста добро го памети Жерновски и по тоа што е неуспешен градежник, затоа што долго време говореше дека трибината на новиот стадион во Скопје кај и да е ќе се урне, ама ете ја таа стои и беше домаќин на најголемото европско фудбалско финале во 2017тата година.
Народот го памети Жерновски и по многуте скандали и партизацијата во времето кога беше градоначалник на општина Центар. Своевремено, Жерновски ја превработи општината, но и претпријатието „Паркинзи Центар’’ со роднини на активисти и членови на раководството на СДС“.
Центарци, додава Манасиевски, го паметат и по тоа што постави хаусмајстор да биде главен инспектор, а со тоа не ги испочитувал решенијата на Државниот управен инспекторат.
Како што оценува, на штета на македонскиот идентитет и позиции, Андреј Жерновски, неуспешниот политичар, јавно говореше во полза на бугарскиот наратив за Македонија, но со оглед на тоа што неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, не му било тоа воопшто проблем.
„Жерновски и Филипче се имиња кои се поврзуваат со СДС од транзицијата. Тие не се нови кадри, туку се кадри кои неколку пати се виновни за поразите на СДС низ годините. И по сите неуспешни обиди во политиката, од градоначалнички избори до дипломатски активности се стави на располагање заедно со Филипче да биде најголемиот поборник на бугарските агенции и бугарските интереси во државата.
Новите сили на СДС се потрошени кадри кои веќе биле дел од раководни позиции и фукционери кои не покажале никакви резултати и ја изневериле довербата на граѓанит“.
Македонија
Од 1 јануари повисоки сметки за струја, РКЕ објави за колку ќе поскапи
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека изврши корекција на доставената предлог-одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“.
Од 1 јануари 2026 година, наместо предложеното зголемување од 7,66 % што „ЕВН хоме“ го достави во одлуката, РКЕ по спроведените анализи и повторни пресметки, одлучи во првиот блок да има корекција од 2,45 % . Во вториот блок цената ќе се зголеми 2,87 %, а предлог-зголемувањето на „ЕВН хоме“ е 8,54 %. Во третиот блок цената ќе се зголеми 3,32 % иако беше предложено да има зголемување од 9,63 % и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 % наместо предложените 11,86 %.
Во однос на евтината тарифа, „ЕВН хоме“ предложи зголемување за 3,96 %, а РКЕ одлучи таа да се коригира за 2,50 %.
„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергентите што РКЕ ги регулира или контролира, како и досега така и денес, ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ‘ЕВН хоме’. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и во вториот блок ќе се зголемат за 2,59 %, а оние што имаат потрошувачка и во третиот блок – сметката ќе се зголеми 2,79 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
РКЕ оценува дека „ЕВН хоме“ го има применето тарифниот систем, но во предлог-одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите.
Од РКЕ велат дека регулаторот има цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимава да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64 % од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, речиси 21 % им се тарифира и во вториот блок, а третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.
Македонија
Магла и намалена видливост од Тетово до село Гајре
Поради појава на магла, се бележи намалена видливост од 40 метри од Тетово до с. Гајре.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози.
Од 15.11.2025 година почна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.3.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова осебено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

