Македонија
12 повредени од пожарот во Кочани се на лекување во болница, еден е во тешка состојба, рече Клековски

Сашо Клековски од ФЗО на денешната панел-дискусија, „Кочани е нашиот приоритет“, се осврна на ситуацијата во моментот во однос на рехабилитацијата на лицата што сè уште се лекуваат и со што би се соочило здравството во следниот период.
„Во моментот имаме 12 повредени на лекување во болница – 7 во странство и 5 во земјата. Од овие 12 повредени, кои сè уште се лекуваат во болница, еден сè уште е, условно да кажам, во тешка состојба. За едниот знам дека е на рехабилитација во Словенија. Од другите што се третираат, имаме 16 на ПРП ПРЕКС-третмани, тоа се плазма-третмани, едниот е со збогатување со тромбоцити, другиот е без збогатување со тромбоцити. Шест се на Клиниката за пластична хирургија и 10 има во „Св. Наум Охридски“. На преврски и слични третмани имаме 38 повредени. На физикална терапија се 46 лица“, изјави Клековски од ФЗО.
Тој се осврна на третманите што се применуваат врз повредените.
„Да повторам, нашата одлука за враќање на повредените беше дека имаме 3 болници со капацитет за третмани на овие повредени. Тоа се Клиниката за пластична хирургија, ‘8 Септември’ и ‘Св. Наум Охридски’ и вкупните бројки се дека таму во моментот се третираат речиси повеќе пациенти отколку на кое било друго место. Секако, би го нагласил тука третманот со ПРП, плазма збогатена со тромбоцити или без тромбоцити, што се практицира кај 16 повредени, и одговорно тврдам дека тоа е супериорен третман за намалување на лузните по изгорениците“.
Клековски ги повика сите повредени што имаат каква било дилема, какво било стравување, да се обратат или во „Св. Наум Охридски“ или на Клиниката за пластична хирургија.
„Тоа е најдобриот третман што може да го добијат за повредите во моментот. Најдобар доказ е пациентот Л., чија фотографија беше дистрибуирана пред еден месец на некои од социјалните медиуми, со изгореници на главата, и во тој момент тие изгореници изгледаа како што треба да изгледаат изгореници од тој тип. Не беа инфектирани, немаше гној, значи беа чисти рани, по еден месец, имаме значително подобрување на состојбата на овој пациент, кој се третира на Клиниката за пластична хирургија. Значи, уште еднаш повик до сите да ја прифатат оваа можност“, рече Клековски.
„Во однос на физикалната терапија, мислам дека само еден пациент се третира бидејќи оди на преврски во „Св. Наум Охридски“. Се третира таму, сите други се во Кочани.
Во Кочани имаме 2 физијатри и 4 физикални терапевти за тие 46 пациенти. Во меѓувреме, формиран е пул од 15 физијатри и 6 физикални терапевти од Клиниката во Козле за физикална терапија и од „8 Септември“ и тие ќе бидат на располагање, на испомош на Општата болница во Кочани. Некои од овие физијатри ќе бидат вклучени во процена на состојбата и во текот на рехабилитацијата на овие пациенти“.
Клековски додаде дека е формирана работната група за мониторинг на напредокот на пациентите.
„Досега се оценети речиси 160 повредени, а недостигаат уште 15-ина повредени, кои во моментот на достапноста на работната група не биле достапни во Кочани, но се во комуникација и ќе бидат вклучени“.
Тој нагласи дека ова е процес што нема да има крај, не е процес што ќе заврши и затоа овие 7 лекари од разни клиники од работната група учествувале во приемот на повредените и знаат во каква состојба биле примени повредените.
„Тие ќе прават во бранови оценки на напредокот за да се види дали, како конзилијарен тим, напредокот кај повредените е добар и дали е на добар пат. Кога ќе заврши овој круг, за еден-два месеца ќе има нов круг на постојана контрола на напредокот од сите страни, и од страна на Пластична хирургија, и од страна на Физикална терапија, и од страна на Пулмологија итн“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Кочоска јасно порача дека платите нема да растат

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вчерашната средба со граѓани во Прилеп, остро ја критикуваше економската политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е пример за водење лоши економски политики кои ја туркаат државата во криза.
„Како ВМРО-ДПМНЕ ја менаџира државата? Никако. Тие се класичен пример за тоа како не се води држава – со лоши економски политики. Со цени коишто растат, без никаква иницијатива од Владата и покрај сите механизми коишто ги имаат да ги исконтролираат. Дадено им е на маркетите отворени раце да прават што сакаат. Нема никаква иницијатива за да растат платите“, рече Филипче.
На маалската средба, Филипче ја осуди изјавата на министерката за финансии дека инфлацијата не може да се контролира ако растат платите.
„Излегува министерката за финансии и вели: ако растат платите, не може да се контролира инфлацијата. А што им кажува на граѓаните? Бидете гладни за во државава да нема инфлација. Јас не знам како не ѝ е срам. Не знам со кој образ излегува да го каже тоа. Ние ги зголемувавме платите во најголемите кризи“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Минималните температури ќе се движат од 10 до 18, а максималните од 25 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 16, а максималната 36 степени.
Од УХМР информираат дека од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Кон средината на седмицата ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Невреме во Скопје: паднати дрвја, поплавени улици, заглавени возила кај „Мавровка“

Поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот во Скопје по денешното силно невреме проследено со пороен дожд, град и грмежи. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека нема повредени лица.
ЦУК преку бројот за итни повици 112 прими пријава за паднато дрво на ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара. Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли. Надлежните служби се известени и ќе постапат согласно своите надлежности.

На бул. „Никола Карев“ кај Бит Пазар, под Стоковна куќа Мост, има приближно 50 см вода. Целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени.
Дополнително, пријавено е дека на ул. „Петар Манџуков“ во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.
Добиена е пријава и за паднато дрво на ул. „Рузвелтова“, во близина на Сетек, Општина Карпош. Дрвото има блокирано три сообраќајни ленти, и во моментов проодна е само една лента.
Добиена е пријава и за поплавена улица на булеварот „Македонска Косовска Бригада“ во Општина Чаир. Неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен.
Дополнително, пристигната е пријава за навалена бандера од уличното осветлување на улицата „Народни Херои“ кај Мечкаров, во Општина Кисела Вода.
„По денешното невреме кое ја зафати територијата на државата, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш ги активираше своите механизми за следење и координација. Директорот, Мухамет Али, во текот на целиот ден ја следеше ситуацијата и беше во континуирана комуникација со сите надлежни институции, со цел навремено и ефикасно справување со последиците од невремето“, велат од ЦУК.
Според моментално достапните информации, на повеќе локации се евидентирани материјални штети – поплавени улици, паднати дрвја и пречки во сообраќајот. Не се пријавени повредени лица.
Од ЦУК велат дека известени се и надлежните служби за водовод и канализација, противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои се во подготовка за постапување согласно своите надлежности.
ЦУК ги повикува сите граѓани да останат внимателни и да ги почитуваат препораките на надлежните служби, како и навремено да пријавуваат опасни или животозагрозувачки состојби на бројот за итни случаи 112.