Македонија
„120 години Илинден – Огниште на татковината“: Денес чествување на 2 август преку голем број на свечености
Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, денес, се одбележува 2-ри Август, Денот на Републиката – Илинден. Во таа чест, делегации на Владата, на Собранието и на Претседателот ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености, соопшти Владата.
И оваа година, граѓаните го слават националниот празник почитувајќи ги заедничките, интеркултурни вредности, меѓусебно почитувајќи се, празнувајќи гордо, достоинствено и обединето.
По повод чествувањето на денот, кога славиме 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, ќе се одржат низа свечености во организација, но и со учество на државниот врв.
Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден ќе започне со настаните во Скопје.
Во 8:30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат свежо цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.
Свечената манифестација во Скопје, ќе продолжи на Тврдината Кале во Скопје, во 9:30 часот, каде по положувањето на свежо цвеќе пред споменикот на Слободата „Сила, слава и победа”, ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
По обраќањето на премиерот на свеченоста, ќе следи културно уметничка програма.
Ковачевски, ќе ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, предводејќи висока државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.
Во состав на владината делегација на чествувањето на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката – Илинден во Крушево ќе бидат, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.
Потоа, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на Владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен ќе продолжи церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во , ќе започнува манифестацијата на која свечено ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.
Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.
Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.
На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општината Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.
Од 09:00 часот, Владината делегација, во состав на заменик министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата Даме Груев, споменикот на смилевските Илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

