Македонија
13 обвинети признаа вина за случајот со измамите со инвалидските пензии и туѓата нега – пресудена затворска казна
Тринаесет обвинети во предметот „Синдром“ склучија спогодби со Обвинителството и врз основа на тоа Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуди, при што првообвинетата е осудена на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци, а на другите, кои се спогодија, им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од 1 до 2 години.
По спроведената истражна постапка почната кон крајот на април годинава, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица.
Според доказите, обвинетите се организирале во две криминални групи, кои во текот на 2023 година и до април 2024 година посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија во замена за парични средства. Цената за овие услуги се движела од 150 до 5.000 евра во зависност од видот и времетраењето на правото што се обезбедувало.
Организаторите и припадниците на групите, меѓу кои се и лекари, адвокат и службени лица од неколку јавни установи, ги користеле својата службена положба и реалното влијание за незаконско издавање медицински мислења и одлуки во корист на барателите на права. На овој начин биле заобиколени одредбите од Законот за социјалната заштита.
Во досегашниот тек на постапката 13 обвинети склучија спогодби со Обвинителството и врз основа на тоа Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуди, при што првообвинетата е осудена на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци за кривично дело злосторничко здружување, кривично дело давање поткуп и кривично дело примање поткуп, воедно ѝ се одземаат и противправно стекнатите 15.000 евра, а на другите што се спогодија им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од 1 до 2 години, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од три, односно пет години, не сторат ново кривично дело. На едно лице од нив му се одзема имотната корист што настанала како резултат на извршување на кривичното дело надоместок за помош и нега од друго лице во вкупен износ од 36.520,00 денари, а на друго лице противправно стекнатата имотна корист од 2.360 евра и 81.000 денари.
Со обвинителниот акт јавниот обвинител му предложи на судот на обвинетите да им бидат продолжени веќе изречените мерки на обезбедување – мерка притвор за пет лица и мерка куќен притвор за пет лица, а за другите обвинети мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

