Македонија
14-ти јануари – Ден на тишината за масакрот во „Charli hebdo“
По повод масакрот кој се случи во редакцијата на францускиот магазин „Charli hebdo“, земјите од регионот – Хрватска, Македонија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија кои се дел од платформата „fairpress.eu“, иницираат „Ден на тишината“ кој ќе се одбележи на 14-ти јануари во перидот од 11.30 (времето на нападот на редакцијата) до 14 часот во сите шест земји.
Се повикуваат сите медиумски куќи, новински агенции, сите блогери и сите граѓани кои се присутни на социјалните мрежи на своите веб страници и на социјалните мрежи, во наведениот термин да објават само напис „Ден на тишината“ со што ќе се покаже како би изгледал светот без новинари, медиуми и без зборови.„Убиени се новинари. По кој знае кој пат, употребена е брутална сила против букви, цртежи, аудио и видео снимки. Против мисли и зборови. Кога нè убиваат, тепаат, касапат и заплашуваат, тоа секогаш е за повисоки цели. Но, никој нема одговор на нашето прашање кои се тие повисоки цели. Бидејќи тие не ни бараат одговори и информации“ пишува Мунир Подумљак, директор на хрватското Партнерство за општествен развој, на веб порталот „fairpress.eu“. Тој додава дека денешните вистини се креираат во радикални, идеолошки, религиозни, политички, криминални и финансиски лаборатории, а отворениот и критички настроен новинар стана последната пречка за тие „вистини“. „Токму поради тие причини, слободоумниот новинар стана најголемиот плен и трофеј на идеологијата. Поради тоа и нè убиваат, со цел да испратат јасна порака до сите оние кои размислуваат, што ги чека ако ги изговорат своите мисли. Тажен парадокс. Најчесто нè убиваат за да пишуваме и да зборуваме за тоа. Зашто, ако тие пораки на страв и терор не се пренесат до секој човек, самиот тој чин, за оние кои го сториле злосторството, нема да има никаква смисла“ нагласува Подумљак.Според податоците од „Репортери без граници“, од 2005 до 2014 година, убиени се вкупно 720 новинари, од кои само во 2014 година, 66 новинари го загубиле својот живот извршувајќи ја својата должност да ја известат јавноста, а две третини од случаите се во воените зони како Палестина, Украина, Ирак и Либија. Значаен пораст од 30 проценти е забележан во бројот на киднапирани професионални новинари, односно 119 случаи во 2014 или 87 случаи во 2013 година.На глобално ниво, 40 професионални новинари и 3 граѓани-новинари се држат како заложници. Според последните податоци на „Репортери без граници“, вкупно 178 професионални новинари и исто толкав број граѓани-новинари се осудени на затворска казна поради извршувањето на својата должност. /крај/со/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

