Македонија
1.425 сообраќајни прекршоци изминатите два дена на територија на целата држава, 333 за брзо возење

Продолжувајќи со засилените сообраќајни контроли по патиштата низ земјава во текот на изминатите два дена полициските службеници издале вкупно 1425 платни налози за сторени прекшоци по основ на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, извести МВР.
Притоа, во рамки на оваа бројка, а по основ на преовладувачките прекршоци што ги прават учесниците во сообраќајот – неправилно паркирање и пречекорување на брзината на движење, беа регистрирани 415, односно 333 прекршоци. Покрај ова, без возачка дозвола регистирани биле 144 возачи, потоа 71 учесник во сообраќајот биле санкционирани за неносење сигурносен појас, 39 возачи на мотоцикл за неносење на заштитна кацига, а пак 64 за користење на мобилен телефон при возење.
Исто така, според статистичките податоци, во шест случаи возачи минале на црвено светло, во 18 случаи кај возачи било утврдено недозволено количество алкохол во крвта, а санкционирани биле и 15 пешаци.
По основ пак на Законот за возила 48 возила биле отстранети од сообраќај и тоа 14 заради техничка неисправност а 34 возила се отстранети од сообраќај затоа што биле нерегистрирани, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено за време на утрешниот празник возачите да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол.
„Одговорното однесување во сообраќајот е предуслов за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ме радува спојувањето на „Вреди“, им посакувам успех, ние најверојатно ќе одиме и со свои кандидати за градоначалници, вели Таравари

Министерот за здравство и лидер на едно од двете крила на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, им го честита спојувањето во една партија на досегашните коалициски партнери од „Вреди“ и најави дека, најверојатно, освен свои советнички листи, неговата партија ќе оди сама и со кандидати за градоначалници на локалните избори наесен.
„’Вреди’ се обедини. Им посакувам успех. Многу ме радува што се споија трите партии, подобро една партија отколку три. Им посакувам успех на изборите. Ние како Алијанса ќе излеземе со наши сопствени листи и, најверојатно, и со наши кандидати за градоначалници“, рече министерот Таравари.
Во партијата засега немаат одлука како ќе продолжат со работа петтемина пратеници од Алијансата за Албанците, кои се дел од коалицијата „Вреди“, но ако се иницира прашањето, Таравари вели дека тие се подготвени да продолжат со работа како една пратеничка група, а „Вреди“ да си има своја пратеничка група.
Таравари и денес рече дека е против предвремени парламентарни избори оти Владата и со нив и без нив има стабилно мнозинство, а дека целта им е да победат во што повеќе општини на локалните избори.
„ Јас не сум за предвремени избори. И нашата партија има таков став, не сме за предвремени избори. Владата има стабилно мнозинство, без разлика дали ние сме или не сме во Владата. Јас сметам дека треба да има локални избори, на сите нам како политички партии многу ни е битно да излеземе со што подобри резултати на локалните избори. Ова ни е целта – да победиме во што повеќе општини, нормално онаму каде што ќе можеме“, рече Таравари.
Таравари и денес рече дека со премиерот Христијан Мицкоски е во постојана комуникација и очекува да се сретнат деновиве. Немаат точен датум, но сигурно ќе се видат.
Македонија
МВР отвори нова канцеларија за издавање лични документи во Демир Капија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Демир Капија присуствуваше на отворање на нова канцеларија на управните служби на министерството за внатрешни работи.
„Оваа е петта локација по ред отворена со цел да овозможиме полесен и побрз пристап на граѓаните до услугите на министерството за внатрешни работи. Канцеларијата располага со базна станица за сликање на сите лични документи и граѓаните ќе можат тука да ги извадат своите лични карти, возачки дозволи и пасоши. Со оваа канцеларија се овозможува пристап на околу 5000 жители на Демир Капија и околината за брзо и лесно вадење на лични документи. Сите македонски граѓани заслужуваат побрзи и поефикасни услуги од институциите кои постојат за нив“, потенцираше министерот Тошковски.
Канцеларијата ќе работи првично еден дел од неделата, секој понеделник од 08 до 16 часот.
Македонија
Партијата Левица со поддршка на првомајските протести

Во време кога капиталот ја гаси секоја искра на отпор, платите стагнираат, цените растат, а власта парче по парче ги крати работничките права и ја продлабочува социјалната неправда, време е за работничка солидарност. 1 Мај е денот кога работникот треба да покаже дека неговиот глас никогаш нема да биде замолчен, порачуваат од политичката партија Левица.
Од партијата велат дека владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ со своите празни ветувања за обновување на „гордоста“, оставила работниците да се борат сами за своето егзистенцијално опстанување, додека постепено се губи достоинството на трудот.
„Партиите на олигархијата, исклучени од реалноста, за нецелосен мандат на власт, во повеќе наврати ја демонстрираа својата оттуѓеност од реалните потреби на работниците и наклонетоста кон интересите на капиталот, и бессрамно одбија реални решенија за подобрување на правата на работникот, додека тие уживаат во своите удобни фотељи. Така за само неколку месеци власт во работникот доби зголемена сиромаштија и институционализирана неправда која ги погодува најранливите во општеството.
Потсетуваме дека, додека Левица нудеше законски решенија за подобрување на работничките права – работникот да добива надоместок за патни трошоци, платата да ја добива навреме до 5-ти во месецот, избегнувајќи непотребни казнени камати за задоцнето плаќање, породилно отсуство за мајките од 18 месеци, владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ јасно застана на страната на капиталот и ноншалантно ги одбиваше сите предлози кои значеа враќање на достоинството за работникот, а најлошо од сѐ – се изземаа од трипарттитниот договор со капиталистите, кадешто требаше да бидат гарант дека работниците ја имаат подршката од државата“, велат од Левица.
Затоа, велат од атаму, 1 Мај не е ден за тишина – 1 Мај е ден за отпор, за гласно, организирано не на капиталистичкиот систем што ги гази нашите животи.
„За систем што ќе служи на работникот, а не на профитот. Левица како единствена партија која се бори за подобар статус на работникот, го подржува протестот на ССМ за 1 Мај, и ги повикува сите работници на сплотеност и истрајност во борбата за работничките права“, се вели во соопштението на Левица.