Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини
На граничните премини има зголемена фреквенција на возило, но нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
Поради појава на свлечиште на патниот правец А3 Прилеп – Ресен, на обиколницата на Битола, сообраќајот е сеуште во прекин. Возилата се пренасочуваат низ градот Битола.
Според информацијата од ЈП за државни патишта, од понеделникот, 27.04.2015 година, 12 часот на клучките Петровец и Катланово во функција е нов режим на сообраќај. Измените во рамките на сообраќајот се следни:
Кај клучка Петровец исклучувањето и приклучување на автопатот А4 кон и од Петровец, на патниот правец Скопје – Велес, ќе се врши пред наплатна станица Петровец.
Исклучувањето и приклучувањето на автопатот А4 кон и од Петровец, на патниот правец Велес – Скопје, ќе се врши после наплатна станица Петровец.
Кај клучката Катланово исклучувањето од автопатот А1 кон Катланово, на патниот правец Скопје – Велес, ќе се врши по постоечкиот крак за исклучување. Приклучувањето на автопатот А1 од Катланово кон Велес се забранува, односно се затвара кракот за приклучување на автопатот А1, во правец кон Велес.
Исклучувањето од автопатот А1, од Велес кон Катланово, на патниот правец Велес – Скопје, се забранува, односно се затвара кракот за Катланово. Приклучувањето кон автопатот А1, од Катланово кон Скопје, ќе се врши по постоечкиот крак за приклучување.
Се известуваат корисниците на автопатот дека сите возила кои поминуваат низ наплатна станица Петровец треба да плаќаат патарина, освен возилата кои се ослободени од плаќање патарина согласно Законот за јавните патишта.
Возилата кои нема да платат патарина ќе бидат третирани како возила кои одбиле да платат патарина и за нив ќе бидат применети казнените одредби од Законот за јавните патишта.
На патниот правец Р-1107 Прилеп – Витолиште, стационажа 35-ти километар, поради свлечиште на патот сообраќајот се одвива отежнато.
На патниот правец Р-1303 Прилеп – Македонски Брод, на 27-ми километар, поради слегнување на асфалтот на патот сообраќајот се одвива отежнато. Поставена е соодветна патна сигнализација.
Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по суви коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони. /крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.

