Македонија
153 сообраќајни прекршоци во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 153 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 18 санкции, седум санкции за возење без возачка дозвола, четири мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл“, соопшти МВР.
„Изречени се осум мерки за користење мобилен телефон при возење, шест санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, две санкции за некористење сигурносен појас“, велат од МВР и додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Од таму апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. Осло бр. 15б, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата, без вода ќе останат корисниците од ул. Осло. ( општина Карпош )
Македонија
Катерина Мирчовска именувана за нова директорка на болницата во Кочани

Катерина Мирчовска е именувана за нова директорка на болницата во Кочани, објави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
„Силно лидерство за болницата во Кочани!
Вчера за директорка на Општата болница Кочани е именувана Катерина Мирчовска, хирург. Веста помина штуро, со појаснување дека тоа е на барање на повредените од трагедијата за Кочани.
Катерина ја запознав низ работата за повредените од трагедијата во Кочани. Импресионира на прв впечаток. Полна со енергија, посветена, професионална, со големо срце, ги знае во детали сите најразлични потреби на повредените. Катерина се откажа од својот трансфер во ГОБ 8 септември Скопје за да се посвети на повредените“, објави Клековски на „Фејсбук“.
Тој додава дека Катерина е најдобар можен избор за водење на болницата во периодот на опоравување на повредените и ветува силно лидерство за болницата во овој критичен период.
Македонија
Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.