Македонија
18 лица под истрага во предметот „Бункер“, Обвинителството има нови сознанија
Во рамките на предметот под кодно име „Бункер“ во кој под истрага се 18 членови на криминални групи, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и истражители од Истражниот центар при анализа на досега прибраниот доказен материјал дојдоа до сознанија што упатуваат на можно сторување на други кривични дела и други инволвирани лица.
Со цел да се испитаат ваквите индиции, на 28.12.2024 година, едно лице беше спроведено во полициска станица. Заради постоење на основи на сомневање дека е можен сторител на кривичните дела Оддавање службена тајна и Злосторничко здружување со него е извршен службен разговор.
По разговорот лицето е пуштено на слобода, а по насоки на јавниот обвинител му е одземен мобилниот телефон со цел со понатамошна дигитална обработка на телефонските податоци да се потврдат индициите за евентуално стореното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Орце Ѓорѓиевски во увид на градежните активности за нов паркинг кај ООУ „Невена Георгиева-Дуња“
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во градежните активности за изградба на нов паркинг во дворот на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“. Новиот паркинг, кој ќе се простира на површина од 550 квадратни метри, ќе обезбеди околу 50 паркинг позиции, со инвестиција вредна приближно 450.000 денари. Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека ова е уште еден чекор во континуираното решавање на предизвиците поврзани со урбаното живеење:
-Во изминатите три години изградивме над 1500 паркинг места низ општината, со што значително го олеснивме секојдневието на граѓаните. Со изградбата на овој паркинг, придонесуваме кон подобра функционалност и достапност во непосредна близина на училиштето, кое секојдневно го посетуваат ученици, родители и наставен кадар.-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека, во истиот училишен објект е во тек изградбата на затворен базен, кој треба да биде готов до крајот на мај и дека во насока на заложбата за воведување едносменска настава во сите основни училишта во општината, ова училиште ќе биде проширено.
„Само пред неколку дена заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, направив увид во тековната изградба на затворениот базен во истиот училишен објект. Очекуваме овој значаен проект да биде завршен до крајот на мај. Во контекст на нашата заложба за воведување на едносменска настава во сите основни училишта во општината, со задоволство најавувам дека истото училиште ќе биде и проширено. Веќе имаме подготвена финансиска конструкција за проширувањето, со која општината ќе аплицира на вториот јавен повик од Владата за обезбедување средства за капитални проекти- истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Во училиштето „Невена Георгиева Дуња“се обезбедени се и интерактивни панели кои ќе користат во наставниот процес. Поставен е и нов видео надзор кој ќе ја зголеми безбедноста на учениците, а набавен е и инвентар за училишната кујна.
Македонија
Oтстранети 50 кубни метри отпад во Скопје за време на новогодишната ноќ
Комунална хигиена-Скопје и во текот на новогодишната ноќ реализираше активности за одржување на хигиената и чистотата на јавните површини во градот Скопје, како и празнење на поставените садови за одлагање комунален отпад.
Веднаш по завршувањето на новогодишната прослава на плоштадот Македонија, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје извршија целосно расчистување на просторот на плоштадот, улицата Македонија и пешачките мостови во централното градско подрачје, во чиишто рамки беа подигнати и транспортирани 20 кубни метри ситни отпадоци одложени на јавни површини.
Во текот на новодишната ноќ беа отстранети и приближно 30 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Гази Баба и Карпош. Интервенирано е на улицата Душан Тасковиќ во населбата Железара, како и на булеварот Илинден, во непосредна близина на комплексот МИДА.
Македонија
Заменик-директорот на „Македонијапат“, Сашо Дранго, се пофали дека застрелал мечка, „Анима мунди“ бара негово разрешување и најави кривична
„Заменик-директорот на ‘Македонијапат’ и претседател на Унијата на ветераните во Демир Хисар, Сашо Дранго, гордо се фотографира со мечка, што ја застрелал во декември 2024 година“, објави „Анима мунди“.
Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
Фотографиите до кои дојде „Анима мунди“ покажуваат дека Дранго, откога ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби за што говорат и неговите фотографии од убиени разни диви животни на социјалните мрежи.
Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавното претпријатие, кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела.
Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
Дополнително, член 14 од овој закон предвидува дека ловењето мечки е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.
Потенцираме дека цивилизиран човек е само оној што има почит кон сите живи битија, а не оној што ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и вооружен до заби убива“, соопштуваат од „Анима мунди“ и додаваат дека ќе поднесат кривична пријава против Дранго.
„Очекуваме негово разрешување од функцијата бидејќи вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат. Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата, во кој животот го загуби едно скапоцено животно, да следува највисоката казна предвидена со законот“, се вели во соопштението на „Анима мунди“.