Македонија
196 санкционирани возачи во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (06.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 196 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 75 санкции, 18 мерки за возење без возачка дозвола, 12 санкции за возење под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Деаноски: Првпат од воведувањето во 2012 година, Владата сама, без работниците, одлучува за минималната плата, апсолутно сме незадоволни

Синдикатот на вработените во органите на државната управа, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) е апсолутно незадоволен од одлуката на Владата минималната плата да се зголеми за 1.800 денари, рече денес претседателот на Синдикатот, Трпе Деаноски. Синдикатот на УПОЗ и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остануваат на барањето минималната плата да биде 500 евра.
„Првпат откога е воведена минималната плата во 2012 година, за неа се одлучи без работниците. Ние имавме парола пред неколку години на Први мај: ‘Не смее да се одлучува за работниците без работниците’, а за жал, Владата вчера на седница си донесе износ од 1.800 и не знам точно колку денари на минималната плата. Се донесе без Економско- социјалниот совет да разговара за оваа минимална плата, без да одлучат и работодавците, и работниците, и Владата за оваа плата. Првпат се случува ова, меѓутоа имајќи предвид во каква држава живееме, нема да биде ни последен пат. Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата, ги знаете нашите барања, од тоа не отстапуваме“, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Деаноски.
Изјавите дека Владата ќе дозволи за износот на мнималната плата да се договорат работодавците и синдикатите, Деаноски ги смета за небулозни.
„Јас сакам да ја потсетам Владата дека таа е најголемиот работодавец во државата. Во државата се вработени 129 илјади работници во јавниот сектор, од кои минимум 25 илјади директно зависат од усогласувањето на минималната плата. Тоа значи дека ова не е покачување на платата. Ова е само усогласување што треба да го добијат сите работници во државата. Првпат Владата сама си донесе одлука. Ние не сме репрезентативни, и премиерот рече дека додека немаме репрезентативност, ние не можеме да учествуваме на Економско-социјалниот совет. Изгледа на Владата толку добро ѝ оди што може да си носи одлуки без синдикатите и без работниците, за жал“, вели Деаноски.
Какви чекори ќе преземат синдикатите по одлуката на Владата, Деаноски најави дека ќе одлучуваат в петок кога е закажана седница на претседателството на ССМ, а в петок е закажана и седница на комисијата за репрезентативност, која треба да одлучи дали ССМ, каде што членува и Синдикатот на УПОЗ, се репрезентативни претставници на работниците.
Македонија
„Нема да дозволам да бидам месо за јавен линч”, Јон Фрчкоски се повлече од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ

Директорот на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, Јон Фрчкоски објави дека се повлекува од функцијата во партијата, по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека бил виден како користи кокаин и го повикаа да направи јавен нарко тест за утврдување на психотропни супстанци.
„Ниско и нечовечно е да се дефокусира јавноста за катастрофалниот начин на којшто се води истргата за трагедијата во Кочани во која згаснаа животите на 59 луѓе. Тоа зборува за ДПМНЕ но јас нема да дозволам да бидам месо за јавен линч. За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата којашто ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ“, напипа Фрчковски.
ВМРО-ДПМНЕ праша претходно зошто СДС молчи за фотографиите на кои се гледа дека Фрчкоски се дрогира.
„А, кога сме кај тезата селективна правда не е правда, СДС зошто молчи за синчето на Фрчкоски? Дали Јон Фрчкоски се дрогира во просториите на СДС или во просториите на Јавното претпријатие за стопанисување на станбен и деловен простор, каде Јон беше помошник директор? Дали Јон Фрчкоски е подготвен да направи јавен нарко тест за утврдување на психотропни супстанци? Кој е ставот на Венко Филипче кој го поставил Јон на ваква позиција?“, посочија претходно од ВМРО-ДПМНЕ.
Одговори побара и Бране Петрушевски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ
Со голема шокираност ја примивме информацијата која се појави на социјалните мрежи каде што се гледа дека функционерот и директорот на Центарот за истражување и анализи на СДС, Јон Фрчкоски, користи бели наркотични супстанци. Не знаеме дали e навистина тоа, но поради јавниот интерес граѓаните заслужуваат одговори, истакна Петрушевски.
Македонија
Останав без колегите оти сите се заплашени со бркање од работа ако излезат и ѝ дадат поддршка на колешката повредена со два куршума, вели Деаноски од УПОЗ

Претседателот на Синдикатот на вработените во органите на државната управа, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денеска сам излезе пред Центарот за социјална работа – Скопје за да побара обезбедување на безбедноста на вработените во социјалните центри откога во Прилеп, колешка, на работното место, беше погодена со два куршума. Деаноски обвини дека по наредба на Министерството за социјална политика директорите и раководителите на скопските центри ги заплашиле вработените.
„Денеска беше замислено заедно со мене да има голем број вработени во Центарот за социјални работи, кои само сакаа да ѝ дадат поддршка на својата колешка и да побараат од работодавците побргу да има мерки за заштита на работното место на вработените. За жал, од вчеравечер, по наредба од Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјална работа, останав без колегите бидејќи сите се заплашени. Им се закануваат дека ако излезат надвор и ѝ дадат поддршка на колешката и побараат какво било друго право, ќе бидат избркани од работа или ќе бидат распоредувани на други места“, рече Деаноски.
Бидејќи избрале да комуницираат со Синдикатот на УПОЗ преку медиумите, Деаноски ги охрабри и им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи, туку треба да се борат и оти никој не може да ги избрка од работа ако сакаат да ѝ дадат поддршка на колешката.
Деаноски рече дека барањата на вработените во центрите за социјална работа се стари, од 2023 година, кога почнаа да се организираат во Синдикатот на УПОЗ, а се однесуваат на мерки за поголема безбедност на работните места.
„Треба да се знае дека центрите за социјална работа се специфична група на вработени. Секогаш работат со најмаргинализираната група на граѓани во нашето општество и секогаш се изложени на голем ризик во работата. Напаѓани се вербално, напаѓани се физички, а она што се случи пред некој ден во Прилеп беше кулминација на сите напади досега. Верувам дека и работодавците не сакаат тоа да се случи“, вели Деаноски.
По денешната осуда на нападот на вработената во Прилеп и најавите дека ќе преземат мерки за зголемување на безбедноста на работните места во центрите за социјална работа од Министерството за социјална политика, Деаноски изрази надеж дека мерките нема да се задоцнети. Тој потсети дека вработените во центрите работат во никакви услови, не добиваат надоместок за дежурство, не добиваат надоместок за приправност, влегуваат сами без полиција во случаи во кои има убиства, без никаква заштита, а за тоа немаат ниту бенефициран стаж. Овие проблеми Деаноски побара итно да бидат решени за да се избегнат исти или слични ситуации.