Македонија
2.000 вработени во „Македонска пошта“ излегуваат на штрајк ако за пет дена не се стопира одлуката за 31 ново вработување
На „Македонска пошта“ не ѝ требаат нови 31 вработен во администрација оти не може да ги исплати платите и на сегашните над 2.000 вработени. Синдикатот на „Македонска пошта“ денес побара стопирање на одлуката за новите вработувања и ѝ даде рок на Владата од пет дена за состанок на кој би почнале да се решаваат наталожените проблеми. Доколку Владата нема слух, Боро Велигденов, претседател на Синдикатот на „Македонска пошта“, најави дека излегуваат на штрајк.
„Сакаме јавно да го искажеме револтот на вработените од лошата финансиска состојба во која се наоѓа ‘Македонска пошта’. Стравувавме за иднината на друштвото и за редовната исплата на платите. Платата за јануари ја зедовме на 17, по истекот на законскиот рок, со заем од наш соработник, како што ме известија од Халкбанк. И покрај проблемите со кои се сочуваме, генералниот директор распиша оглас за 31 вработување во администрација, кои се непотребни, имаме превработеност во администрацијата, а со прераспределување може да се покријат потребите. Не би биле против нови вработувања ако се економски издржани и ако се за суштинскиот дел од работењето. Сериозно ни се потребни поштари, шалтерски работници и оператива, имаме недостиг во тој дел, кој е од суштинско значење. Го повикуваме генералниот директор да ја преиспита одлуката за нови административни работници и да ја стопира за не се доведеме во состојба на нередовна исплата на платата. Ќе бараме состанок во Владата, на кој ќе се обидеме да најдеме разрешница на проблемите. Денес ќе го изготвиме барањето, а ќе дадеме рок од пет дена за средба. Се надеваме дека Владата, како сопственик на ‘Македонска пошта’, ќе го прифати нашето барање. Ќе ги преземеме сите законски мерки, протести, штрајк ако нема слух за подобрување на состојбата“, рече Велигденов.
Синдикатот не е задоволен и од дијалогот со генералниот директор. Велигденов потсети дека минатата година за повеќе случаи имале преговори со Владата и со генералниот директор, потпишале и трипартитен договор за соработка и спроведување внатрешни реформи за зголемување на продуктивноста, нова систематизација и целосна реорганизација на работењето, но ништо од договореното не било почитувано.
Во моментот „Македонска пошта“ има над 2.000 вработени, од кои 65 отсто се над 55 години, и по пат на природен одлив се намалува бројот на вработени. Пред пет години Велигденов вели дека имале над 2.220 вработени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

