Македонија
Иванов со три приоритета за цели пет години
Три приоритети: европска интеграција, членство во НАТО и решен спор со Грција околу името. Тоа се целите кои пред себе си ги постави четвртиот македонски претседател Ѓорге Иванов, но и кои ги вети во својот победнички говор синоќа во хотелот Холидеј Ин
Кои конкретни чекори ќе ги презеде, Иванов не кажа, но првата работа што ја направи како нов татко на нацијата е посетата на соборниот храм Свети Климент Охридски. Таму се помоли за здравје и среќа на сите граѓани на државата кои ќе ги води во наредните пет години.„Остварување на сите оние заложби што ги имаме како држава, да бидеме членка на Европска Унија, членка на НАТО и конечно да го завршиме спорот што го имаме со нашиот сосед, проблемот со името“, потврди денеска Иванов.
Според Уставот, шефот на државата има надлежности во надворешната политика, во одбраната и делумно во правосудството. Според она што го најавува, Иванов очигледно ќе се посвети на надворешната политика. Иако од неговиот противкандидат Љубомир Фрчкоски и од опозициската СДСМ беше обвинуван дека неговата стратегија е меѓународна изолација на државата и нерешавање на спорот што Македонија што има со Грција, Иванов денеска открива дел од постапките што ќе ги направи веднаш штом седне на претседателското столче.„По завршувањето на европските избори во соседна Грција ќе настојувам сите институции во државата да се фокусираат на тоа прашање да дадеме целосен наш придонес за решавање на овој спор и доаѓање до она што во мојата програма и во текот на кампањата го именувавме како разумен компромис, компромис кој нема да биде на штета на македонскиот идентитет“, рече Иванов.
Во предизборното интервју дадено за Форум, сега веќе шеф на државата, на прашањето што ќе направи во делот на надворешната политика, Иванов одговара:„Прво што ветувам е дека нема да бидам воопшто ист како досегашниот претседател. Тој претставува пример како не треба да се биде претседател на државата. На Македонија и недостасуваат многу работи, гледано од таа позиција. Наместо лидерот на една земја да се бори за својата татковина и за својот народ, тој патува низ светот и ја критикува сопствената држава. Вакви примери се навистина ретки во светски размери. Тоа остави лош имиџ за надворешната политика“.
Негов модел за тоа како да се справува на меѓународен терен ќе биде покојниот претседател Борис Трајковски.
„Негувањето блиски односи со колегите од регионот и пошироко, како што тоа знаеше да го прави покојниот претседател Борис Трајковски, е сериозен удел во афирмацијата на македонската политичка мисла. Сметам дека претседателот треба и мора да биде иницијатор на многу настани, да поттикнува регионални средби, да ги поврзува интересите на нашето опкружување. Македонија природно и географски ја има таа улога. Јас како претседател на Македонија ќе настојувам на светот да му ја презентирам вистинската слика за македонското општество. Време е претседателската функција да добие поинаков правец од досегашниот. Тој правец ќе води во две насоки: првиот, во функција на обединување на внатрешните ткива во државата; и вториот, во афирмацијата на македонската држава на секое место во светот со застапување на државните и националните интереси“, одговара Иванов во интервјуто за Форум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

