Македонија
Во Кабул Коњановски и Јанкулоска се сретнаа со министерот за одбрана Вардак

Македонските министри за одбрана и за внатрешни работи, Коњановски и Јанкулоска, во Кабул се сретнаа со авганистанскиот министер на надворешни работи Рахим Вардак. Јанкулоска најавила и можност за македонско учество во цивилните мисии во Авганистан
Министрите за одбрана и за внатрешни работи, Зоран Коњановски и Гордана Јанкулоска, во понеделникот во Кабул се сретнаа со авганистанскиот министер за одбрана Абдул Рахим Вардак. Разговорите се воделе околу ситуацијата во Авганистан и учеството на Македонија во мисијата ИСАФ, јавува репортерот на македонската новинска агенција МИА. „Имавме одлична средба со колегите од Авганистан. Разменивме мислења и укажавме на нашата подготвеност за учество во јакнење на институциите и демократијата во Авганистан. Нашето учество тука е добредојдено во рамките на силите на НАТО и ќе биде во функција на развојот на оваа држава“, изјавил министерот Коњановски, по средбата со авганистанскиот домаќин министерот Вардак. Коњановски притоа одговорил дека се’ уште не е побарано од Република Македонија да биде зголемена бројката на македонски војници во меѓународната мисија во Авганистан, но доколку се побара, тоа ќе биде разгледано.Авганистанскиот министер Вардак изразил голема благодарност за помошта и поддршката што Македонија и’ ја дава на неговата земја. Во врска со состојбата во Авганистан, пак, каде есенва треба да се одржат претседателски избори, Вардак нагласил дека ситуацијата во моментот е мирна, при што подлвекол дека е вообичаено за ова време од годината, но и дека постепено се влошува. Авганистанскиот министер за одбрана потврдил дека бројката на припадници на полицијата и армијата е зголемен, како и на меѓународните сили, со што смета дека ќе можат да се спрват со евентуална ескалација на насилствата. Ва Кабул, македонската министерка за внатрешни работи Јанкулоска најави и можност за вклучување на Република Македонија во цивилните мисии во Авганистан. „Во поглед на новите можности кои се отвораат пред оваа држава во функција на градење на институциите и демократијата постои отворен простор за соработка во делот на цивилните мисии во оваа пријателска земја“, рекла Јанкулоска. Ситуацијата во Авганистан и придонесот на Република Македонија во мисијата ИСАФ ќе биде тема на разговорите и на средбата на министрите Коњановски и Јанкулоска со командантот на ИСАФ, генерал Дејвид Мек Киернан, што се одржува доцна попладнево. Македонската делегација во вторник ќе биде запозната и со активностите на нашите контингенти од вкупно 168 војници и старешини на АРМ распоредени во Кабул и во градовите под Регионалната команда – Север. Во мисијата ИСАФ има една механизирана пешадиска чета од 150 војници одговорни за обезбедување на Командата на мисијата во Кабул, тројца штабни офицери и четиричлен медицински тим во болницата на аеродромот во главниот град. Дел од македонската мировна мисија се и пет лица во состав на мешовитите оперативно-менторски тимови за врски и за обука на Авганистанската национална армија во Мазар е Шариф и во Кундуз, како и медицински хируршки тим од шест члена во состав на норвешката болница како поддршка на Провинцискиот тим за реконструкција на Мајманах.Во мисијата ИСАФ учествуваат околу 70 илјади војници од 30-ина држави во светот, од кои над половината се американски војници. Според планот на претседателот Барак Обама за борба против тероризмот спроведуван од талибанците и Ал Каеда, најави дополнување, во прво време, на уште 17 илјади американски војници. И европските сојузници на САД, највија дека најмалку уште додатни 5 илјади европски војници ќе бидат наскоро упатени во немирните региони на Авганистан во граничниот регион со Пакистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.