Македонија
Норвешка ќе донира за АРМ
При посетата на министерот за одбрана Коњановски на Норвешка, во рамките на зајакнато партнерство во одбраната, домаќините најавија голема донација за Македонија. И Осло смета дека Македонија треба да биде дел од НАТО
Министерот за одбрана Зоран Коњановски на 27 и 28 мај беше во официјална посета на Кралството Норвешка, што е прва официјална посета на македонски министер за одбрана на оваа скандинавска држава. Како што информираат од министерството за одбрана, министерот Коњановски се сретнал со норвешката министерка за одбрана, Ане Грете Стром Ериксен, со која имале, како што се потенцира, исклучително плодни и. Коњановски се сретнал и со началникот на Генералштабот на Армијата на Кралството Норвешка, генерал Свер Дизен, како и со претседателот на Парламентарната комисија за одбрана, Јан Петерсен. Во текот на разговорите министрите за одбрана на Македонија и Норвешка разменија мислења околу процесот на натамошното проширување на НАТО, учеството во меѓународни операции, безбедносната ситуација во Регионот, одличната и сеопфатна билатерална соработка во областа на одбраната, а беа разгледани и можностите за нејзино идно дополнително јакнење. Во текот на средбата Ериксен потврдил дека Македонија е рамноправен и кредибилен партнер кој заслужува да биде дел од НАТО и ја истакна нејзината улога како исклучително важна за соработката, безбедноста и стабилноста на регионот. Норвешка е силен поддржувач на Република Македонија. Силната поддршка во делот на одбраната се потврдува преку богатата одбранбена соработка, поддршката во процесот на реформите во безбедносниот сектор, како и преку големиот број донации на Норвешка кон Македонија низ заедничките билатерални и регионални одбранбени проекти.Македонија и Норвешка од неодамна дополнително ја зајакнаа одбранбената соработка преку остварување конкретен заеднички ангажман во ИСАФ во Авганистан, и тоа во делот на воената медицина која е област на исклучително дефицитарен и ценет капацитет од страна на НАТО. По интензивна и исклучително посветена заложба на двете страни, Норвешка и Македонија станаа партнери во декларирањето значаен, заеднички воено медицински придонес во Авганистан, упатувајќи го првиот заеднички македонско-норвешки воено медицински хируршки тим во Авганистан во декември 2008 г. Во тек се подготовките за втората ротација на заеднички воено медицински тим кој во Авганистан ќе биде упатен веќе на 2 јуни годинава.Норвешката министерка за одбрана Ериксен го истакнала големото задоволство од досегашната соработка во Авганистан, нагласувајќи ја високата професионалност, посветеност и мотивираност на нашите воено медицински лица кои се целосно интегрирани во норвешкиот медицински тим. По нејзината неодамнешна посета на заедничкиот македонско-норвешки тим во Авганистан, министерката Ериксен го нагласи силниот впечаток дека се работи за заеднички ангажман на исклучително способни и подеднакво способни партнери кои покрај тоа се и одлични промотори на пријателството помеѓу двете земји.Силната одбранбена соработка меѓу Македонија и Норвешка конкретно во областа на воената медицина е плод на заедничкиот интерес и обврзаност за придонес кон оваа исклучително ценета област во рамките на Алијансата. Во рамките на евроинтегративните напори на Република Македонија, подигнувањето на нашите способности во делот на воената медицина до ниво на РОЛЕ 2 лесна маневарска болница е обврска која Македонија ја има прифатено согласно пакетот партнерски цели со временски рок за нејзино достигнување до 2013 г. Заедничкиот ангажман на Норвешка и Македонија во Авганистан е долгорочен проект кој дополнително ќе придонесе за јакнење на способностите на Македонија во делот на воената медицина, како и за нејзино афирмирање во рамноправен партнер на Норвешка, една од земјите основачки членки на НАТО Алијансата. По сеопфатната и исклучително плодна билатерална одбранбена соработка на Македонија и Норвешка, партнерството кое се потврдува и низ декларирање заеднички воено медицински придонес во Авганистан претставува исклучителен импулс во дополнителното јакнење на билатералните одбранбени односи и пријателските врски меѓу двете држави.Најавената норвешка донација на РОЛЕ 2 лесно маневарска болница, претставува исклучителен придонес кон градењето на способностите на Република Македонија во делот на воената медицина. Донацијата на болницата, која е исклучителна скапа и вредна инвестиција, има дополнителна вредност особено поради подготвеноста на норвешката страна истата да ја прецизира водејќи се од највисоките современи стандарди и обезбедувањето нејзина интероперативност. Овој чекор на Норвешка ќе придонесе и за јакнење на претстојните реформи на нашето воено здравство, кои заедно со севкупните напори во делот на одбраната имаат за цел Република Македонија да ја афирмираат како кредибилен и рамноправен партнер на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

