Македонија
Нова демократија со пратеничка група, но надвор од Владата
Нова демократија на Имер Селмани формира нова опозициска пратеничка група во Собранието, која нема да се приклучи на опозицискиот блок на Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ
Во пратеничката група на Нова демократија се најдоа Абедин Зимбери, Бесим Догани и Сулејман Рушити, а последна се приклучи и пратеничката Флора Кадриу, која ќе биде и координатор на групата. Кадриу претходно беше член на Демократската партија на Албанците. Имер Селмани, лидерот на НД, најави дека Нова демократија ќе продолжи да биде конструктивна опозициска партија и оти ќе го критикува секој потег на владата или на мнозинството, што ќе се судри со визијата или со интересите на граѓаните. Според Селмани, Нова Демократија ќе понуди конкретни решенија за проблемите и за другите политички процеси. “Ќе продолжиме да бидеме гласноговорник на народот во Парламентот, да ги артикулираме сите потреби, да понудиме решение. Нашата визија е многу јасна – европска Македонија интегрирана во НАТО и во ЕУ, развиена Македонија која нуди перспектива за сите граѓани“, изјави денеска Селмани во Собранието. Претседателот на НД, кој на последните избори за претседател собра повеќе од 150 илјади гласови, вели дека не преговата со Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, за влез во Владата. “Не преговараме, ниту сме преговарале за влез во Владата. Ние сме премногу заинтересирани Нова демократија да стане легитимно голема политичка партија, засега опозициска, да ги артикулира интересите на граѓаните“, вели Селмани. Иако Селмани ја гледа Нова демократија како опозициска партија, сепак најавува дека новата партија нема да стане дел од опозицискиот блок што го формира Бранко Црвенковски, претседателот на СДСМ. Лидерот Селмани вели дека членството на партијата секојдневно се зголемува, а дефинитивниот број ќе го знаат кон крајот на јули, откако ќе заврши неговата обиколка на општинските организации и местата каде што освои најмногу гласови на последните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

