Македонија
Грците не признаа уште пред три века!?
Сензационално откритие – Евангелие на Македонски од 18 век!Кониковското евангелие е најстариот запис на македонски јазик, постар и од Лексикон тетраглосон на Данаил од Москополе кој датира од 1802 г.
Пишува: Атанас КИРОВСКИ
Текстот е напишан на егејски дијалект, поточно на воденско-ениџевардарскиот народен говор, со грчкото писмо, и е првиот обид за популаризација на македонскиот народен јазик и отфрлање на црковнословенскиот јазик.Фински истражувачки тим во Александриската библиотека го пронајде најстарото евангелие на народен македонски јазик печатено во 1852 г. во Солун познато како Кониковско евангелие. Славистите велат дека станува збор за откритие кое е првокласна научна сензација. Евангелието е напишано на народен македонски јазик на крајот од 18 век и е најстар запис на долновардарскиот или егејскиот дијалект на Македонците кои живееле и живеат во Грција. Името го добива по редакторот на текстот, Павле Божигропски од село Кониково (Воденско) кој се потпишува како Протосингел Павел родом Воденска. Лингвистите претпоставуваат дека оригиналот врз кој Павел Божигропски вршел редактура е најстариот запис на македонски јазик, постар и од Лексикон тетраглосон на аџи Данаил од Москополе кој датира од 1802 г., но, за жал, немаат никакви податоци за авторот. Текстот е напишан на егејски дијалект, поточно на воденско-ениџевардарскиот народен говор, со грчкото писмо, и е првиот обид за популаризација на македонскиот народен јазик и отфрлање на црковнословенскиот јазик. Финската академија на науки и уметности во август годинава го објави делото The Konikovo Gospel во редакција на Јоуко Линдстед и Јухани Нуорлуото од Финска, додека редактор од Македонија е професорот Људмил Спасов. Оригиналниот ракопис пронајден во Александриската библиотека претставува прекрасна книга оштетена од многу употреба. Постојат многу дамки од восок од свеќи и масло. Долните десни агли на листовите се закинати од листањето на страниците. Забележани се и дупки од црви, како и кај повеќето библиотечни ракописи. ГРЧКАТА АНТИМАКЕДОНСКА ПОЛИТИКА Денес, како што пишуваат финските издавачи во Кониково, воопшто нема Македонци бидејќи биле иселени од селото меѓу 1912 и 1928 г., а Грците го имаат преименувано селото во Дитико и таму живеат исклучиво маџири. Воденскиот дијалект на кој е напишано евангелието, Финците со голема помош на активистите на Виножито го слушнаа во околното село Грива. Странците во тимот, и тоа не само оние од Финска, кои се запознаа со македонското население во Грција, беа восхитени што конечно открија една нова Грција, за која велат дека отсекогаш знаеле дека постои, но за нив била недостапна. Виктор Фридман, професор по балкански и славистички студии од Чикаго, пишува дека значењето на Кониковското евангелие е непроценливо: “Дијалектот во Кониковско евангелие е од извонредно значење зашто доаѓа од регион кој ì е доделен на Грција по Балканските војни во 1913 г. и каде што се населуваат стотици илјади бегалци кои зборуваат грчки и турски како резултат на размената на население меѓу Грција и Турција (1922-1923) и на обидот на Грција да создаде етнички хомогена држава со искоренување на јазиците на малцинствата меѓу двете светски војни. Истовремено, во овој регион се водат најжестоките борби за време на Граѓанската војна кои резултираа со заминување на илјадници Македонци по 1948 г., така што на овој дијалект денес зборуваат мал број луѓе”. Значењето на делото е огромно зашто грчкиот прогон врз словенскиот јазик и литература датираат уште од времето на Византија во 11 век, кога се уништени сите книги на словенска кирилица, а до почетокот на 18 век кирилицата во Грција е сосема искоренета. Евангелието напишано на македонски јазик претставува очигледен отпор кон таа политика на Грција. Иако во времето на Отоманската Империја под зборот милиет (народ) влегувале ортодоксните христијани, односно станувало збор за религиска категорија во која спаѓале сите немуслимани, сепак постоела свест дека не само религијата, туку и јазикот се основа за националниот идентитет, и токму затоа и е направено евангелие на народен македонски јазик. Професорот Фридман пишува: “Нашето знаење за развојот на македонскиот јазик и идентитет во доцниот 18. и раниот 19 век е значително збогатено со Кониковското евангелие, зашто тоа е од период кога за прв пат се појавува во писмена форма она што денес е стандарден македонски јазик. Кониково госпел е најраниот текст во кој се употребува колоквијалниот македонски јазик како пишан јазик. И додека авторот за прв пат пишува на македонски, Павел Божигропски со своите исправки се обидува да го нормира тој јазик! Грчкото противење на Македонците во Грција продолжува од тоа време до ден-денес, и покрај печатењето на Абецедарот во 1925 г. во Солун, наменет како буквар за Македонците од Северна Грција”. ЗА НАС САМИТЕ Звучи нереално и сосема неверојатно, но во период кога Македонија е во најжесток судир со Грција околу одбраната на името, јазикот и идентитетот, Министерството за наука не му одобри на македонскиот научен тим 6.000 евра, по 2.000 евра годишно за истражување на ова дело од исклучително значење за македонскиот идентитет воопшто и за постоењето на Македонците во Грција. Делото го издаде Финската академија на науки и уметности во Хелсинки, со голема помош на македонистите од Катедрата по македонски јазик на Универзитетот Кирил и Методиј под водство на професор Људмил Спасов и со огромна помош на волонтерите од Виножито. Македонската држава и наука полека го губат реперот и наместо да се држат до цврстите докази, непобитните факти (како што е Кониковското евангелие) и науката која ни оди сосема во прилог, влегува во водите на политички мотивиран квазинаучен авантуризам, со кој преку крајно изнасилени аналогии (на јазикот на Хунзите, на пример) се обидува да покаже некаква теза дека македонскиот јазик не е словенски, туку е оној што го говорел Александар Велики. Светот на науката и нашите пријатели кои секогаш ни помагаа во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, иако имаат разбирање за потребата идентитетот да го врземе за древни времиња, сепак ни се смеат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

