Македонија
Идеализмот наспроти крутиот реализам на Европа
ко идеалистите во Европа го менуваат својот дискурс (хегемонистичко мирољубив), се прашувам, пак, од каде таков оптимизам кај нашите политичари дека низ правото ќе ја добиеме правдата во спорот за името
Пишува: Проф. д-р Звонимир ЈАНКУЛОСКИ
Имам проблем да сфатам со какви аргументи им е потхранувам оптимизмот и на какви основи се положени нивните верувања во можноста да се оствари правдата во меѓународниот систем. Посебно ако се знае дека поимот правда во меѓународното право нема единствено значење, како меѓу теоретичарите, така и меѓу актерите во рамките на тој систем – државите.Република Македонија се обрати на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во потрага по правда против Република Грција, поради прекршување на билатералната Привремена спогодба од 1995 г. Македонија ја тужи Грција дека го прекршила членот 11 кој не ì дозволува да ја блокира земјава во евроатлантските аспирации, доколку аплицира под времената референца за името. И дотука е сè во ред. Спорот за името што од осамостојувањето до денес се претвори во канцер на нашето меѓународно легитимирање, конечно треба да добие своја правна завршница. Она што верувам никој нормален меѓународен правник не може да го разбере е како еден ирационален спор можеше да предизвика такво ирационално однесување на организираната меѓународна заедница. Чудно е како еден, во својата суштина билатерален спор, можеше да биде трансфериран како меѓународен. Чудно како се успеа едно правно прашање да стане политичко. И, како меѓународната заедница го толерира сево ова, сиве овие години. Како успева да диџестира нешто што под сомневање го става целиот систем на меѓународното право и меѓународното организирање. Иако можеби во целиот овој виртуелно изнуден спор Македонија изгуби најмногу, сепак се покажа како корисен за да нè увери (не само нас) каква е всушност меѓународната политика. Да ја покаже разликата меѓу она што е и она што сака да се претставува. Тоа е како разликата меѓу фотографијата и насликаниот портрет. Фотографијата го покажува сето она што може да биде видено со голо око, додека насликаниот портрет не покажува сè што може да биде видено со голо око, но покажува нешто што окото не може да го види: изразот на лицето или човечката димензија на портретираното лице. Спорот за името ја разоткри, или ако сакате целосно ја разголи вистинската суштина на надворешната политика на земјите на европскиот континент. Следејќи го спорот со нашето уставно име (ако може да се нарече спор) се прашувам каде исчезна надворешнополитичкиот идеализам промовиран од политичарите и интелектуалците во Европа. Оној идеализам на чии основи е граден концептот на Европската Унија. Оној идеализам што како предизвик го имаше минимизирањето на конфликтите преку максимизирање на соработката меѓу државите. Оној што својот фокус во надворешната политика го стави на формалните правни аспекти на меѓународните односи и моралните прашања како што се човековите права Следејќи го македонскиот случај, имам проблем да го прифатам тврдењето на американскиот професор Јохн Ј. Меарсхеимер дека европската надворешна политика е триумф на идеализмот наспроти реализмот. Ако ова што ì се случува на Македонија треба да биде слика на современиот идеализам во Европа што ќе го менуваше светот, тогаш сериозно треба да се прашаме во која насока одат промените. Европските идеалисти се раководени од идејата да го менуваат светот на подобро трансформирајќи ја надворешната политика на начин што државите никогаш повеќе нема да мора да се грижат за силата и моќта како непроменлива детерминанта на безбедносниот натпревар во светот, креирајќи состојба на хармонија. Можеби кога размислуваат за светот во хармонија, размислуваат за својот ексклузивен европски клуб. Затоа за нив не е доволно да имаш подобри аргументи во меѓународен спор како нашиот: доволно е да го имаш оној добитниот. Очигледно ние го немаме. Грција го има – членството. Сè повеќе ми изгледа дека ние им стануваме товар на патот на хармонизацијата на односите во Европа. Камен околу вратот што ги влече надолу. За нивна голема жал, сè повеќе камења, а се помалку патишта. Ако идеалистите во Европа го менуваат својот дискурс (хегемонистичко мирољубив), се прашувам, пак, од каде таков оптимизам кај нашите политичари. Дека низ правото ќе ја добиеме правдата во спорот за името. Имам проблем да сфатам со какви аргументи им е потхранувам оптимизмот и на какви основи се положени нивните верувања во можноста да се оствари правдата во меѓународниот систем. Посебно ако се знае дека поимот правда во меѓународното право нема единствено значење. Како меѓу теоретичарите, така и меѓу актерите во рамките на тој систем – државите. Само како потсетување: доминантниот концепт на правдата во меѓународните односи е положен на учењето на реалистите во надворешната политика. Реалистите веруваат дека политичарите во меѓународните односи делуваат раководени од интересите дефинирани како моќ. Најчесто добрите намери во надворешната политика се обландиран интерес, ослободен од морални начела во постигнувањето на целта. Затоа и во анализите за функционирањето на Судот се нагласува неговата лимитирана моќ во извршување на своите одлуки од страна на државите што ги изгубиле споровите и индиферентноста на Советот за безбедност во одредувањето консеквенции поради ваквото нивно однесување. Кога се знае дека реалистите го гледаат светот онака каков што е, со можност за мали и незначителни модификации, тогаш не треба да нè изненадува однесувањето на меѓународната заедница во спорот за името на Република Македонија. Она што ме изненадува е нашиот идеализам во контекст на спорот. Особено кога европската надворешна политика го замени својот идеализам со крут реализам во случајот на Македонија. И не верувам дека тука ниту ние ниту Судот можеме многу да помогнеме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

