Македонија
И Пендаровски како Црвенковски ги навредува селаните
Стево Пендаровски да се извини на мариовци оти како и неговиот поранешен шеф Бранко Црвенковски се потсмева со македонските села во последната колумна побараа денеска месните заедници на Витолиште, Дуње, Рожден и Могила.
Пендаровски во денешната колумна во еден од дневните весници пишува за штетноста на „високата политика од Мариово“, на што денеска реагираат повеќе села од мариовскиот крај, како и невладината организација Сфера, која ги организира Мариовско – мегленските средби.„Пендароски прво нека дојде во Мариово, па после нека пишува со цинизам за нашиот крај. Нека научи прво да покаже каде е Мариово на картата, а после нека упатува навреди дека ние не сме достојни за неговата висока политика. Мариово се постела на територијата на општините Прилеп, Кавадарци и Битола“, револтирано говорат претседателите на трите месни заедници.Тие во соопштението до јавноста го истакнуваат значењето на Мариово низ македонската историја и велат дека не заслужуваат некој да го потценува нивниот крај.„За нас е важна секоја педа земја и секое село. Без таа педа земја Македонија не може да постигне ништо во меѓународната политика. Пендароски беше долги години претседател на ДИК, а неговата плата беше 60.000 денари односно 1.000 евра. Имаше привилегии кои ние ги плаќавме преку даноците. Како екс претседател на ДИК, тој треба добро да знае дека секое село и секој мал град е составен дел од Македонија, кој треба да се сака и почитува“, се вели во дописот.Тие посочуваат дека досега Мариово го посетиле речиси сите амбасадори и дека сите тие биле восхитени од убавината на овој регион.„Единствено добиваме презир од советникот на Црвенковски кој видел само аир и луксуз од нашите даноци. Дали тоа што пред десетина дена поголем дел од дипломатскиот кор во Република Македонија го посетија Мариово со велосипеди е штетно и погрешно за меѓународната политика, или и тие не ја разбираат високата политика?“, прашуваат претседателите на Витолиште, Дуње и Рожден.На колумната на поранешниот советник на Црвенковски реагираат и од Могила, тие со ваквите изјави на поранешни фисоки државни функционери велат дека се чувствуваат како граѓани од втор ред.„Во денешната колумна директно ги навредува Могила и Мариово. Повторно ги читаме истите навреди кон селата и руралните краеви како Могила и Мариово. Пендаровски вели дека според него во глобалниот и динамичен свет е недозволиво да се објаснува висока политика во Могила или Мариово. Селата не ги заслужуваат овие навреди. Потсмевањето со македонските села стана навика на Бранко Црвенковски. Дали ако сме селани, ние сме граѓани од втор ред? Дали има теми за кои ние не смееме да дискутираме затоа што сме од малите места? “, прашуваат од месната заедница Могила.Оттаму се лути на тоа што, Пендарвоски не го почитува тоа што како функционер платата ја земал токму од пари кои ги обезбедуваат селата.„За да може тој како советник на Црвенковски да тера висока политика, ние сеевме жито, садевме тутун, одгледувавме сончогледи и шеќерна репа. Истовремено, нашите деца ги школуваме, но ги одгледавме да не се срамат дека се од Могила. Потценувањето од советникот на Црвенковски е само најнова епизода во неговата ароганција и навредите кон сите села во Македонија. За нив, ние сме анти – европски селани кои не се достојни за високата политика на советникот Црвенковски. Прво беше Паљурци како метафора за сите села, а денес тоа се Могила и Мариово. Нека не кажуваат дека мислеле фигуративно, затоа што повторувањето на навредите кон селата и нивната ароганција уште еднаш се потврдија“, пишува во соопштението од месната заедница Могила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

