Македонија
Иванов: Сработеното од Македонија, ЕУ треба да го вреднува
Претседателот Иванов очекува по формирањето на новата грчка влада да се зголеми динамиката на процесот за решавање на спорот за името. Компромис е можен доколку процесот се врати во рамките на резолуциите на ОН и се разговара само за името, а не и за други прашања, смета тој
„Проблемот е што во овие повеќегодишни разговори беа вклучени прашања за кои не може да се разговара. Не може да се оспорува идентитетот на Македонија, македонскиот јазик… Затоа бараме тие да тие да се вратат во рамки на она што е утврдено во резолуциите на ОН, односно да се разговара исклучиво за проблемот што го има Грција со нашето име. Доколку се вратат разговорите во тие рамки, тогаш решение е можно“, истакна претседателот Иванов на денешната средба со уредници на политички редакции на триесеттина германски пишани медиуми.Иванов потсетува дека грчките како и македонските ставови се познати, и дека од тие појдовни основи треба да се тргне за да се дојде до компромисно решение, кое според него нема да биде навредливо, ниту за Македонија, ниту за Грција. „Прашањето е чувствително, навлегува во сферата на идентитетот, кога некој се обидува да го руши вашето достоинство, да ви ја одземе гордоста дека припаѓате на еден народ и кога ви го оспорува основното право на секој поединец на планетата, а тоа е правото на самопределување и самоидентификација. Во историјата луѓето што живееле на овој простор се идентификувале како Македонци. Тие Македонци ја создале Македонија. И тие биле и ние сме горди што сме Македонци и го имаме тоа право што му припаѓа на секој на оваа планета“, нагласува Иванов.На прашање од германските новинари, македонскиот Претседател се осврнува и на очекувањата на државата во процесот на евроинтеграциите. Како што им одговора Иванов, тој очекува ЕК и ЕУ да го вреднуваат напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформите, особено оние кои се дел од осумте одредници зададени од Комисијата за добивање позитивен извештај и датум за преговори за членство во Унијата. „За нивно спроведување, се мобилизира целото општество, сите институции и тоа дава резултати, како во случајот со визната либерализација, кога Македонија ги исполни сите зададени услови“, вели Иванов.„Истото го правиме и со одредниците што ни беа дадени како услов за да можат да почнат преговорите. Не сакаме да се споредуваме со други, но сепак оценките што доаѓаат се позитивни за тоа што се прави во Македонија. Затоа сме убедени дека тоа ќе биде вреднувано“, истакнува македонскиот претседател. Прашан дали е оптимист или песимист, Иванов вели дека е само е реалист. „Наше е да го одработиме она што ни задача и тоа успешно го правиме. Сега оној што го оценува сработеното, треба соодветно да го вреднува“, вели македонскиот претседател. Според Иванов, постигнувањата не можат исто да се вреднуваат во различни општества, затоа што не е исто дали ќе се живее во моноетничко општество или, пак, мултиетничко. Во мултиетничко општество, како што е македонското, се вложува повеќе додатна енергија, време и средства за да се постигне консензус и успех, што е и обврска на политичарите и на целото општество, па оттаму како што нагласува Иванов и се бараме тоа да се вреднува во случајот на Република Македонија.Иванов на средбата од германските новинари побара, како што вели – да ја шират вистината за Македонија во нивната земја и во Европа, при што нагласи дека Германија е еден од најголемите поддржувачи на Македонија, двете држави имаат развиена политичка и економска соработка, а македонски и германски мировници заедно учествуваат во мисии во странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

