Македонија
На лидерски средби да се усогласуваат ставовите за спорот со името
Собранието да решава за решението околу спорот за името што Македонија го има со Грција, смета лидерот на Нова демократија, Имер Селмани, а политичките субјекти да се усогласат на лидерски средби
„Најмалку ни треба диверзија, односно најмалку ни требаат различни ставови помеѓу претседателот и премиерот и се разбира дека во овој пресуден момент, односно претставниците на народот во овој парламент треба да ја донесат најголемата одлука, односно одлуката за да направиме исчекор и компромис кон нашиот јужен сосед, којшто е недвосмилсено и единствен сега веќе услов за пристап и за остварување на нашиот сон. На сонот на граѓаните на Македонија за зачленување во НАТО и во Европската Унија“, рече денеска Имер Селмани, претседателот на Нова демократија.
Според него, лидерските средби не треба да се случуваат по неколку месеци, туку треба да ги има секоја недела.
„Колку повеќе средби имаме во текот на овие два месеца, сметам дека ќе имаме сплотен став, заеднички став, ќе придонесеме да не создадеме ралични толкувања и различни перцепции кај граѓаните и ценам дека тоа ќе ги подобри позициите во преговорите со нашиот јужен сосед“, вели Селмани.
За Абдулаќим Адеми, вицепремиерот за имплементирање на Охридскиот договор, секоја директна средба, како вчерашната меѓу премиерите Груевски и Папандреу, е придонес кон подобри односи помеѓу двете држави за поскоро и побрзо решавање на отворените прашања.
„На ваков начин, секако дека можат да се забрзаат работите бидејќи кога се разговара директно, без разлика за кои прашање се разговара, решението може да дојде и побрзо“, вели Адеми.
Според него, рано е да се зборува за тоа како ќе се решава спорот, а лидерска средба очекува доколку има некој нов момент.
„Мислам дека во овој момент сите треба да се посветиме да имаме чеклори напред кон решавање на ова прашање и после со консензус сите политички партии ќе одлучуваат како ќе одиме, дали ќе одиме со референдум или без референдум“, вели Адеми.
„Не само што нема два различни става, туку нема ниту еден став“, вели Никола Ќуркчиев од СДСМ, на прашањето за различните изјави на претседателот и премиерот во однос на одржување референдум за решавање на спорот со името. „Очигледно, претседателот Иванов лошо разбрал што мислел Груевски и не се сомневаме дека самиот многу брзо ќе се демантира. Премиерот Груевски повторно избегнувајќи да го соопшти својот став на македонската јавност за преговорите отвора други теми како референдум, која во моментов е депласирана. За да дојдеме до референдум треба да постои спогодба потпишана од Груевски и Папандреу“, рече Ќуркчиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

