Македонија
Во Скопје 7-годишно дете претепано на смрт
Седумгодишно момче со удари со предмет е претепано до смрт вчера доцна вечер во куќата во скопската населба Драчево, информира Министерството за внатрешни работи
Според првичните информации, 7-годишниот Селмир Џановиќ кој живеел заедно со мајка му, браќата и сестрите вчера околу 23 часот неколкупати бил удрен со непознат предмет во главата, при што му биле нанесени смртни повреди. Полицијата се сомнева дека 29-годишната мајка Сузана е вмешана во претепувањето на детето. Таа и 49-годишниот С.Н. сопственик на куќата каде семејството Џановиќ живееле под кирија, го однеле во поликлиниката Драчево, но веќе било предоцна, лекарите само ја потврдиле смртта на момчето.Од МВР велат дека мајката е приведена и со неа ќе биде разговарано во текот на денов. Но, се уште немаат точни информации дали 7-годишното момче било удирано само од мајката или пак заедно со некој друг го претепале до смрт.Сузана, која е по потекло од Сараево, Босна и Херцеговина, привремено живеела во куќата на улицата Таки Даскалот во скопската населба, со нејзините четири деца на возраст од 10, 5 ,2 години, како и починатото 7-годишно момче. Мајката, за која постојат сомневање дека го убила синот, е во очекување и на петтото дете.Полицијата го известила и Центарот за социјални работи, кои треба да се погрижат за останатите деца од семејството Џановиќ додека мајката е во полиција.Од „Меѓаши“ ја потврдуваат загриженоста и бројните реакции за поефикасна акција од страна на Центрите за социјална работа, да имаат увид во дисфункционални семејства и семејства во ризик, да вршат надзор на вршењето на родителското право, да преземаат мерка на привремено одземање родителско право додека односите во семејството не се доведат во релации кои ќе им гарантираат на децата сигурност и заштита – која како родителска одговорност е приоритет. Центрите за социјална работа го одземаат родителското право дури кога ќе настанат тешки повреди и последици по децата.Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ апелира за навремени и соодветни реакции на Центрите за социјална работа кои се неопходни за заштита на многу жтрви на семејно насилство а особено за младите и беспомошни детски судбини.„Меѓаши“ повеќепати досега апелираше и алармираше дека телесното казнување над децата во Македонија е во пораст. Имено, податоците на СОС-телефонот за деца и млади 0800 12222 говорат дека во споредба со 2007 година кога насилството било застапено со 13,4% како проблем со кој децата се соочиле и имале храброст да го пријават е тројно зголемен во 2008 година кога за телесно казнување и сите форми на насилство над децата е застапен со 32,5% од вкупниот број јавувања. Досега на нивниот СОС-телефон во изминатите 16 години се јавиле 17.407 деца и возрасни за одредени проблеми со кои се среќаваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

