Македонија
Во четврток почнуваат 10-те „Есенски музички свечености 2009“
Со целовечерен концерт на проф. Гордана Јосифовска-Неделковска, во четврток свечено ќе бидат отворени десетите „Есенски музички свечености“
Во Салонот на Македонската опера и балет, во 20 часот, покрај проф.Јосифовска-Неделковска (обоа), ќе настапи и Биг бендот на Факултетот за Музички Уметности – Скопје.
„ Со особено задоволство ја прифатив поканата да одржам концерт во рамките на оваа манифестација. Kонцертот ќе почне со изведба на дела од класиката, ќе продолжи со адаптирани класични-џез композиции за да заврши со етно-музика“, изјавила Јосифовска-Неделковска.
На концертот ќе настапат и неколку ексклузивни гости како Влатко Стефановски, Теодоасиј Спасов, Суела Мулај и Един Карамазов како и Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија под диригентско водство на Саша Николовски – Ѓумар, а со Биг бендот на ФМУ ќе диригира маестро Кире Костов.
„Се почесто ми се случува да бидам гостин на концерти со класична музика. Тоа е доказ дека музиката е безвременска, дека се рушат табуата за миксање на различни музички стилови и дека музичарите коишто во овој случај доаѓаат од неколку страни на Европа, со интерпретацијата на својата музика, ги рушат границите кои постојат меѓу земјите и народите од светот“, изјавил Стефановски.
Есенските музички свечености се во организација на Дирекција за култура и уметност –Скопје, а финансиски ги поддржува Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.
„Десет годишнината од одржувањето на традиционалната културна манифестација “Есенски музички свечености”, за нас претставува уште еден придонес кон збогатувањето на музичката понуда во месец ноември“, истакнал директорот на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, Никола Глигоров.
Во рамките на 10-те “Есенски музички свечености 2009”, ќе се одржат десеттина концерти од класичната музика, манифестацијата ќе заврши на 30 ноември 2009 година, а концертот закажан за отворањето ќе биде реализиран во добротворни цели. Хонорарите на солистите и гостите, како и целиот приход од продадените влезници ќе биде наменети за обнова на Манастирот “Свети Јован Бигорски”.
Влезниците, за овој концерт, ќе чинат 200 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

