Македонија
Изгласана резолуцијата за проширување на ЕУ, препорака за преговори со Македонија
Советот на ЕУ на Самитот на 7 декември да ја потврди препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија, се бара во резолуцијата за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, Исланд и Турција, што попладнево со мнозинство гласови ја усвои Европскиот парламент
Во документот подготвен од претседателот на Комитетот за надворешни прашања на ЕП, италијанскиот европратеник Габриеле Албертини, почетокот на преговорите не се условува со претходно решавање на спорот за името, но се охрабруваат Македонија и Грција да ги интензивираат напорите за да го окончаат проблемот, бидејќи како што се посочува, можно е изнаоѓање заемно прифатливо решение. Употребата на името Македонија во дебатата на ЕП, сепак, беше причина за остра размена на реплики меѓу европарламентарците. На грчкиот европратеник Николаос Салавракос, кој бараше од европратениците да не го употребуваат името Македонија, туку да се служат со привремената референца, остро му се спротистави германскиот европратеник Берндт Поселт. „Македонија е Македонија и Македонија ќе си остане. Да се дискутира за ова, сигурно дека нема да и се помогне во ништо на соседната земја“, рече Поселт потсетувајќи на сличниот став на лидерот на европските Зелени Даниел Кохн-Бендит. Поселт побара и да се ублажат формулациите во резолуцијата во врска со добрососедските односи во кои од македонските власти се бара „воздржување од акции и изјави кои негативно можат да влијаат на односите со соседот“, бидејќи според него, одговорноста не е само кај Македонија.Претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за соработка со Македонија, германскиот европратеник Јорго Шацирмакакис, смета дека единствениот проблем за земјата е проблемот со името. „Потребно е едноставно да се прескокне една сенка. Двете страни мислам дека се подготвени да одат чекор подалеку. Во петок на една петминутна средба на премиерите на двете земји нема да се успее да се реши целото прашање. Но, важна е целта, потребно е повеќе време за да се најде трајно решение. Во спротивно може да се најде избрзано решение кое ќе биде катастрофално на долгорочен план, порача Шацимаркакис. Потсети дека Европскиот парламент треба да помогне со охрабрување на двете страни да најдат трајно решение со широко поле на спроведување. Претходно тој во изјава за Радио Дојче веле рече дека е најдено решението за името. – Двете земји веќе го имаат најдено името. Но, неговото користење е тоа што создава проблеми. Но, со духот кој владее во моментот, мислам дека имаме можност да најдеме решение сега, изјави Шацимаркакис.Еврокомесарот за проширување Оли Рен, кој учествуваше на пленарната сесија на ЕП, оцени дека Македонија е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ и оти се уште постои можност да се реши проблемот со името до декемврискиот самит на Унијата, што би ги зголемило шансите за добивање датум. Го нагласи напредокот што што го направи Македонија, посочувајќи оти земјата е способна да ги отвори преговорите со Европската унија. Тоа, според него, би бил добар пример за останатите земји во регионот. Рен ги повика европратениците да ги охрабрат нивните влади да донесат храбра одлука, која ќе биде во насока на стратешките интереси на ЕУ, во кои спаѓа и проширувањето.Во резолуцијата што ја усвои ЕП, во делот за Македонија, се поздравува неодамнешното воспоставување дипломатски односи со Косово, како и склучувањето на договорот за физичка демаркација на границата, со оценка дека тоа позитивно ќе влијае на регионалната стабилност.На Македонија и се упатуваат честитки за прогресот што е постигнат во последните месеци, а е потврден и од Европската комисија која препорача отворање на пристапните преговори со ЕУ. Воедно во документот се повикуваат властите во Македонија да продолжат со реформските процеси, особено во јавната администрација и правосудството, борбата против корупцијата, женските права и меѓуетничките односи вклучувајќи гаранции за правата на припадниците на сите етнички заедници и зголемување на нивното учество во јавната администрација.Европратениците ја поздравија и очекуваната визна либерализација за Македонија, за Србија и за Црна Гора што треба да стартува од 19 декември годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

