Македонија
ЕУ ги укина визите за Македонија, Србија и Црна Гора
Државите-членки на Европската Унија ги укинаа визите за граѓаните на трите балкански држави, почнувајќи од 19-ти декември. Ова го соопшти францускиот министер за имиграција, Ерик Бесон, а го цитираше АФП
„Соопштувам дека ова е категорично решение, кое е многу важна етапа во процесот на приближување на овие држави“, изјавил Бесон на прес-конференција.„Укинувањето на визите за Македонија, Србија и Црна Гора ќе влезе на сила од 19-ти декмври 2009 г.“, прецизирал Бесон. Со ова државите-членки на ЕУ го прифатија предлогот на Европската комисија од јули годинава.
Одлуката со која трите земји се префрлаат од „црната“ на „белата“ Шенген-листа се носи со квалификувано мнозинство, односно треба да ја поддржат две третини од земјите-членки на ЕУ, а е официјално соопштена на прес-конференција во Брисел. Во текстот на одлуката, како што информираа претставници на ЕУ во Македонија, е наведено дека од 19-ти декември без визи ќе може да патуваат само лицата кои поседуваат биометриски патни исправи. За граѓаните со стари патни исправи ќе важат условите за олеснет визен режим и тие ќе треба да приложат важечка Шенген-виза.Визната либерализација на Македонците ќе им овозможи да патуваат во 25 од 27 држави-членки на Европската Унија, со исклучок на Велика Британија и Ирска, и во уште три европски држави – Норвешка, Швајцарија и Исланд. Укинувањето на визите се однесува и на Грција, но бидејќи Атина не ги признава македонските патни исправи, на влезот во држава на патниците ќе им биде издаван лист со печат од царинските власти кој треба да се приложи при излезот од државата. Визи нема да бидат потребни ниту за патувања во Бугарија и Романија, кои се’ уште не ги исполниле условите за влез во Шенгенот, но ги спроведуваат одлуките на ЕУ.Безвизниот режим, сепак, не значи можност за неограничен престој или работа во земјите од ЕУ. „Прашањето на визната либерализација е прашање на доверба на ЕУ кон Македонија и македонските граѓани, посочуваат претставниците на ЕУ.“ Македонските државјани ќе бидат ослободени од визата од типот „Ц“ која се однесува на кус престој, главно за посета на пријатели, роднини или за туристички патувања во државите вклучени во шенгенскиот систем најмногу до 90 дена во рок од шест месеци, односно до 180 дена во рок од една година. За подолг престој во ЕУ ќе биде потребна виза од типот „Д“, која се однесува и за студиски и работен престој во Унијата, а се аплицира во амбасадата на земјата-дестинација. Останува стандардната процедура која се применува за патници од трети држави, при влез во земја-членка на Шенген, граничниот службеник да побара образложение за целта на патувањето, местото на престојување и за тоа дали може да го покрие финансиски престојот. За оние граѓани кои не се во можност да го финансираат својот престој, се препорачува да приложат и гарантно писмо од лицето кај кое ќе престојуваат. Во случај да бидат вратени, граничниот службеник е обврзан да му даде писмено образложение за неговата одлука, кое може да се искористи за поднесување жалба до надлежните органи во таа земја. Со цел информирање на јавноста во земјата за условите под кои ќе се спроведува безвизниот режим од 19 декември, пред стартот на неговата примена ќе бидат доставени лифлети до повеќе професионални здруженија и туристички агенции, а ќе бидат дистрибуирани и преку дневните весници. Информациите за условите за патувањата без визи ќе може да се најдат и на веб-страницата на Мисијата на ЕУ во Македонија www.delmkd.ec.europa.eu. Меѓу препораките се посочува македонските граѓани да внимаваат при изборот на туристичката агенција со која патуваат, да си обезбедат патничко и здравствено осигурување, за патување со свое возило да поседуваат меѓународна возачка дозвола и зелен картон за возилото. Во моментов, според податоците на МВР, издадени се над 480 илјади биометриски пасоши, што е над 75 проценти од популацијата која патува. ЕК на 15 јули предложи укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година, откако експертските извештаи на Комисијата констатираа дека трите земји ги исполниле условите од патоказот за визна либерализација. По иницијатива на Словенија, одлуката за укинување на визите за граѓаните на трите балкански земји ќе се применува десетина дена порано, односно од 19 декември, годинава. Се оценува и дека олеснетото патување во ЕУ значајно ќе придонесе и кон процесот на евроинтеграција на земјите од Балканот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

