Македонија
Папандреу и Друцас на Милошоски му ги повторија грчките ставови и позиции

Премиерот на Грција и заменик-министерот за надворешни работи на денешните одвоени средби во Атина со шефот на македонската дипломатија Милошоски ги повторилe грчките позиции во однос на прашањето за името во контекст на евроинтеграцијата на Македонија, јави известувачот на МИА
Како што информирал по средбите министерот Антонио Милошоски, според она што му го пренеле Јоргос Папандреу и Димитрис Друцас, нема разлика во позициите на Грција во врска со аспирациите на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ.Милошоски рече дека пред престојниот Самит на ЕУ, на кој треба да се одлучува за датум за преговори, очекува од Грција да размисли за своите чекори и да биде прагматична во однос на евроинтеграцијата на Македонија.„Попречувањето нема да биде полезно за ниту една од страните, како и за процесот кој се води во ОН“, е оценката на македонскиот министер за надворешни работи.За можноста одредувањето датум за старт на преговорите да не се најде на агендата на Самитот на Европската Унија, Милошоски смета дека тоа ќе го наруши кредибилитетот на Унијата и на Европската комисија која препорача отворање на пристапните преговори.„За самиот кредибилитет на ЕУ и особено на ЕК, треба да се има предвид дека нивните препораки и извештаи се дел од расправите на Европскиот совет, инаку агендата на Советот не би имала смисла. Сметам дека и шведското претседателство, и државите-членки на ЕУ и ЕК би требало да имаат голем интерес она што е препорачано од ЕК да биде дел од расправата и од политичките одлуки кои треба да ги донесе Европскиот совет“, смета Милошоски.Тој на средбите со Папандреу и со Друцас на маргините од 17. Министерски состанок на ОБСЕ во Атина, покренал две иницијативи за унапредување на односите меѓу двете држави.Првата е за подигнување на нивото на дипломатски односи, односно Канцеларијата за врски на Грција во Скопје да прерасне во амбасада, а втората за потпишување договор за избегнување на двојното оданочување, иницирана од грчките стопанственици кои инвестирале во Македонија со цел да се олесни нивната работа, за дополнително зацврстување на економската соработка.Грчката страна ветила дека овие предлози сериозно ќе бидат разгледани. Според Милошоски, за нивна реализација не мора да се чека решението за спорот. Со тоа, како што нагласил, ќе се даде уште еден позитивен импулс во зацврстувањето на билатералните односи и ќе се направи исчекор во однос на решавањето на главното прашање – за името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Опожареното место е затрупано со песок за да се спречи понатамошно тлеење на опасни материи, состојбата во Трубарево е под целосна контрола, уверуваат надлежните

Во Министерството за животна средина и просторно планирање денеска се одржа брифинг со медиумите за состојбата по пожарот во складиштето за електронски отпад во Трубарево.
Министерот Изет Меџити заедно со директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Дејан Мираковски, ги презентираа првичните информации.
Надлежните институции информираа дека екипи биле на терен од првиот момент, презеле соодветни мерки и редовно ја известувале јавноста.
„Опожареното место е затрупано со песок за да се спречи понатамошно тлеење на опасни материи. Очекувањата се, официјалните лабораториски резултати да бидат достапни до петок.
Мираковски посочи дека тимот од лабораторијата АМБИКОН при УГД – Штип веќе поставил мерни станици за мониторинг на квалитетот на воздухот и дека во рок од една недела ќе се добијат првични резултати.
Министерството, додаваат од таму, ќе ја информира јавноста веднаш по добивањето на сите анализи.
Македонија
Се затвора депонија за отпад во Никуштак, локацијата не ги исполнува еколошките стандарди, одлучи Меџити

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска донел одлука за затворање на несoстандардната депонија за отпад во Никуштак, општина Липково, соопштија од неговиот кабинет.
Во одлуката, Меџити посочува дека оваа мерка е донесена со цел заштита на животната средина, животот и здравјето на граѓаните, бидејќи постоечката локација за отстранување на комунален отпад во Никуштак не ги исполнува еколошките стандарди.
„Одлуката е донесена во согласност со законот за државна администрација и законот за животна средина, почитувајќи го принципот на висок степен на заштита и превенција од штетни последици.
Наредбата стапува на сила веднаш“.
Македонија
Граѓаните беа навреме известени за евакуација, СДС и Филипче без аргументи создаваат магла и лажни скандали, вели Митева за пожарот во Трубарево

Гледам денес Филипче решил да ме споменува и да прави конфузија во јавноста околу постапувањето и комуникацијата на Владата. Но, токму тоа покажува колку опозицијата е беспомошна, ова се класични обиди да се поткопа институционалната доверба. Тоа за мене е патолошки пристап во политика, кога нема аргументи, тогаш се создава магла околу фактите, пишува во објава на социјалните мрежи Марија Митева, портпаролка на Владата во врска со пожарот во Трубарево.
„Прво, да расчистиме една основна работа. Евакуацијата е процедура што се спроведува според строго утврдени стандарди. Граѓаните беа навреме известени, беа подготвени капацитети за згрижување и секој имаше право и можност самостојно да одлучи дали ќе ја искористи таа можност. Ова е основниот принцип на демократско и одговорно владеење. Затоа е апсурдно да се создава наратив за наводна хаотична или недоволна реакција – тоа е ништо друго освен свесно ширење паника.
Ако зборуваме за одговорност, уште поголем апсурд е фактот дека токму Филипче, човекот кој остана запаметен по најтешките скандали во здравствениот систем од провизиите за вакцини, трагичниот случај со модуларната болница, до низа нерасчистени одговорности денес да зборува за морал и да бара оставки. Тоа е навреда за колективната меморија на граѓаните“.
Според неа, апсолутно е невидена хипокризија партијата која повеќе од седум години имаше апсолутна контрола врз секторот за животна средина, како што вели, денес да поставува прашања за депониите и дали лиценците се исправни, а истата лиценца за која зборуваат е издадена во 2021 година.
„Со кого мислат дека разговараат? Народот не е ниту наивен ниту заборавен.
Одговорот е јасен, немаат суштинска критика, туку се обидуваат преку спинови да го релативизираат сопственото наследство на негрижа и злоупотреби.
Како опозиција се обидуваат да одржат политичката релевантност единствено преку создавање лажни скандали и конфузија. Но, тоа е политички концепт без визија, без аргументи и без перспектива. Ваквиот пристап го дефинирам како деструктивен и опасен, затоа што не им штети на институциите, туку директно на граѓаните. Се обидуваат со дневнополитички инсинуации да го потценат разумот.
Затоа, ваквите изјави никогаш нема да имаат политичка тежина“, додава Митева во објавата.