Македонија
Предлогот за датум за преговори во март 2010, доаѓа од шведското претседателство со ЕУ

Одложување на одредувањето датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ до март 2010, се предлага во нацрт-заклучоците предложени од шведското претседателство за кои вечерва во Брисел се’ уште се договараат шефовите на дипломатиите на државите-членки
„Советот ќе се осврне повторно на прашањето за одредување датум за отворање на пристапните преговори со Македонија во март 2010 г.,“, пишува меѓу другото во нацрт-документот, велат владини извори. Новинската агенција МИА, додава дека во овој документ било нагласено „дека е нотирана препораката на ЕК за старт на преговорите и воeдно се бара продолжување на неопходните реформи“.Грција во Брисел се спротиставува во заклучоците да бидат поставувани какви и да се временски рамки за старт на преговорите без претходно решавање на спорот за името. Финскиот премиер Мати Ванханен потврдил дека грчкото противење поради спорот за името може да ја попречи одлуката за одредување датум, изразувајќи, сепак надеж дека Советот на министри денеска ќе реши да почнат преговорите со Македонија.Во нацрт-документот уште се наведува дека „продолжувањето на добрососедските односи, вклучувајќи и заемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН, останува од суштинско значење“. „Советот е охрабрен од последниот позитивен развој на односите меѓу Грција и ПЈРМ“, се вели во документот, пренесува агенцијата. Дипломатски извори не исклучуваат дека доколку шефовите на дипломатиите вечерва не се усогласат за заклучоците, конечната одлука околу одредувањето датум за Македонија да им биде оставена на шефовите на држави и влади на членките на ЕУ на самитот на 10 и 11 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Карпош и Кисела Вода денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Бриселска, општина Карпош;
– во периодот од 09.35 до 12.00 часот, корисниците од улиците Студеничанска и Драчевска, како и корисниците од реонот кој гравитира кон улицата Јустинијан Први, општина Кисела Вода.
Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.