Македонија
Ништо неочекувано во работата на пратениците
Лилјана Поповска од ДОМ е најактивна во поднесување предлог-закони, а Весна Бендевска е шампион во поднесување амандмани во Собранието во периодот јули-декември 2009 г., покажува статистиката на Собранието чии пленарни седници редовно ги посетуваат само 25 пратеници
Според податоците на редовната публикација Мој пратеник само 25 пратеници редовно присуствувле на пленарните седници на Собранието во периодот јули-декември 2009 г., додека, пак, ако се исклучат пратениците на ДПА, кои го бојкотираат Собранието, на пленарна седница никогаш не дискутирале дури 21 пратеник.
Али Ахмети, лидерот на владејачката ДУИ и Теута Арифи од истата партија, се најзвучните имиња кои не дискутирале на седница на Собранието. Ахмети е шампион и по бројот оправдани отсуства во Собранието, дури 56 за шест месеци, како и Мендух Тачи и Арбен Џафери кои се во бојкот.
Најголем број пратенички прашања поставил пратеникот Менде Диневски од СДСМ – единаесет, а листата ја пополнуваат пратеници најмногу од опозицијата, но и од власта.
Од власта најактивни во предлагање закони се Васко Шутаров и Силвана Бонева, а очекувано ниеден пратеник од власта не се појавува на листата на поднесување амандмани.
Најгласен во Собранието во наведениот период бил пратеникот Јани Mакрадули од СДСМ, со дури 41 дискусија на пленарна седница, а на листата се најдоа уште три негови сопартијци и Роза Топузова-Каревска од ЛДП.
Макрадули предничи и по бројот на реплики (80), додека негов пандан од власта е Васко Шутаров со четириесет.
Процедурални интервенции има претседателката на пратеничката група на СДСМ, Цветанка Иванова – 19, а Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ 11 пати процедурално интервенирала.
„Публикацијата ’Мој пратеник’ содржи квантитативни податоци за работата на пратениците, поточно квантитативно поднесени закони, амандмани, учество на седници, работни тела, дискусии“, рече Тодор Пендаров од Собранието на Македонија.
Тој појасни дека отсуствата на пратениците од ДПА не се водат како политички, туку подлежат на Деловникот на Собранието и на Уставот, но треба да се направи разлика меѓу бојкот и оправдано отсуство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

