Македонија
Одложен судскиот процес Велес против државата
За судскиот процес Велес против државата од загадувањето на Топилницата, основниот суд Велес бара дополнителни докази
Судот не ги признава резултатите од испитувањата на експертите туку бара резултати од релевантни судски вештаци. Тие треба да потврдат кои се површините за ремедијација и колку е загадено земјиштето со олово, цинк и други метали од тридецениското работење на Топилницата. Судот го задолжи тужителот во рок од осум дена да достави имотен лист за сопственоста на земјиштето на кое се наоѓаат над 900 илјади тони троска од Топилницата и кој стопанисува со неа. „Во овој случај ние сметаме дека сме обесправената страна како граѓани на Велес. После 40 години беше редно државата барем еднаш да покаже грижа и самата да ги сноси трошоците, но за жал тоа не се случува. Останува сега да видиме дали ние како тужителите ќе можеме да ги сносиме трошоците за испитувањата што ги бара судот“, рече Ненад Коциќ, претседател на ЕД Вила Зора.Екологистите велат дека вештачењето тешко може да се спроведе, бидејќи поголемиот дел од нивите на кои треба да се врши испитување се во приватна сопственост и се наоѓаат во близина на Топилницата, Башино село и велешките бавчи. Со судскиот спор, кој трае неколку години, велешани најнапред бараа државата да им плати оштета за последиците од труењето, но подоцна се откажаа од тоа. Сега бараат само да се исчисти земјата од тешките метали, троската да се премести од сегашната локација и никогаш повеќе да не се рестартира Топилницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АМСМ: Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, информира АМСМ.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“, велат од АМСМ.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Од АМСМ наведуваат дека кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Македонија
АВМУ реагира на нападите на новинари и медиуми од страна на СДСМ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми, соопшти Агенцијата.
„Агенцијата потсетува дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност се темелни демократски вредности. Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите. Медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации. Напротив, тие треба да имаат можност непречено, слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси“, се наведува во реакцијата.
Агенцијата ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.
Македонија
Ѓорѓиевски-Лосон: во фокусот стратешките приоритети на Град Скопје, со посебен акцент на образованието, културата, локалниот економски развој
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари средба со британскиот амбасадор во Република Македонија, Метју Лосон, како и со делегација од Обединетото Кралство, на која беа разгледани можностите за унапредување на соработката меѓу Скопје и Обединетото Кралство.
На средбата се разговараше за развојните планови и стратешките приоритети на Град Скопје, со посебен акцент на образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии, како и за потенцијалната поддршка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата 2028“.
„Во рамките на средбата го запознав амбасадорот Лосон со програмата и плановите за развој на Скопје, кои се темелат на јасна визија, конкретна стратегија и долгорочни, одржливи политики, насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.
Разговаравме и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката преку заедничка реализација на проекти, програми и активности од заемен интерес, со посебен акцент на образованието и културата, како и преку размена на позитивни искуства и успешни практики во областа на локалниот економски развој и креативните индустрии.
На работниот состанок, беше отворено и прашањето за потенцијална соработка и поддршка во рамките на активностите поврзани со проектот „Европска престолнина на културата 2028“, вклучително и неговата меѓународна промоција и вмрежување со европските градови, како значаен чекор кон меѓународна афирмација на Скопје“, истакна Ѓорѓиевски.

