Македонија
Треба трпение за резултати од реформи

Несинхронизираност на фискалната и монетарната политика во мерките за соочување со кризата, забележале во мониторингот од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид за периодот ноевмври 2009 – јануари 2010 година
„НБРМ, поведена од нејзината стриктна определеност да ја одржува фиксноста на девизниот курс на денарот, спроведуваше исклучително рестриктивна монетарна политика, чија последица е повеќемесечната деструктивна состојба на дефлација во економијата“, рече презентерот на делот на економија, професорот Томе Неноски, на денешната презентација на Извештајот од следењето и оценката за реализирањето на програмските активности на Владата.
Според Извештајот, тоа ја остави фискалната политика осамена во битката со кризата.
Во Извештајот се предупредува на пролонгирањето на економската криза, со која се соочуваат и другите замји, а главен предизвик за Владата ќе биде да се справи со кризата поради нејзиното дејство врз главните економски партнери на Македонија, како Германија, Русија, Италија, Грција и Србија.
Во однос на надворешната политика во Извештајот стои дека: „Во однос на преговорите за името што Македонија го води со Грција, под покровителство на Обединетите Нации, во периодот на известувањето е направен голем чекор напред. Имено, по завршувањето на изборите во Грција и по конструирањето на нова влада, се интензивираа контактите меѓу двете влади…“
Се препорачува да се вложат дополнителни напори во реформите во Партнерството за пристапување и да не се откажува од зацртаната цел – почеток на преговорите за членство во Унијата.
Експертите кои го презентираа Извештајот по поединечни области посочија дека „сите реформи, без разлика во кои сектори се одвиваат, траат многу подолго, отколку што луѓето имаат трпение, па затоа им се чини дека Владата нешто најавила, а не реализирала“.
„Напротив, некаде динамиката можеби е успорена, но некаде, самиот проект бара подолг временски период да се согледаат бенефитите од реформата“, рече Горан Стојковски, презентер на делот за образованието.
Во Извештајот се поместени видувања, нерализирани и реализирани проекти, како и предизвици од Програмата на Владата за периодот ноември 2009 – јануари 2010 година и во областите на образование, здравство, трговија, правосудство, социјална политика, земјоделство, градежништво и транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.