Македонија
TЕРА телевизија прослави 17-години постоење
ТЕРА телевизија прослави 17 години постоење. Телевизија ТЕРА е една од првите приватни комерцијални ТВ станици во Република Македонија која започна со емитување на сопствена програма на 07.04.1993 годин
Првите неколку години како локална ТВ станица која го покриваше со својот сигнал градот Битола, а од 1996 година со пoставување на дополнителна предавателна мрежа ја прошири својата видливост покривајќи го Пелагонискиот регион. ТЕРА телевизија креираше програмски концепт кој ќе биде во исто време и близок до своите гледачи, но и автентичен и различен од останатата ТВ понуда. Со својот одлично едуциран кадар, со сопствена ТВ продукција, собројни награди и признанија дома и надвор. ТЕРА Телевизија беше една од првите ТВ станици која ја започна сопствената кампања против пиратството, таа создаде автентичен ТВ израз кој бројни ТВ станици од Македонија подоцна почнаа да го применуваат. Оттука и сите позитивни резултати на истражувањата на гледаност и рејтинзите кои долги години ја позиционираа во неколкуте први станици во Република Македонија. Орентирана кон продукција на извонредна информативна програма, забавни емисии, но и документарни проекти кои беа познати по нивната уметничка вредност и по третирањето на маргинализирани теми. Особено беше значењето на ангажманот во мултиетнички проекти кои од првиот миг ја афирмираа мултилигвалноста на различните етнички заедници. ТЕРА Телевизија секојдневно ја реализира својата цел да дава особено внимание на подигнувањето на јавната свест за теми и проблеми кои тангираат пошироката заедница. Таквите програмски содржини ја прават ТЕРА да биде во постојана комуникација со својот аудиториум. Со новиот концепт на оваа ТВ станица цврсто одлучи детално да ја третира локалната проблематика, за вредноста на вкупното живеење што ја исклучуваат припадноста на дневно-актуелните политички опции. Со тоа опстојува на автономниот пристап да биде израз и одраз на развојните потреби на заедницата. За оваа нејзина мисија определувачка е интеракцијата со публиката. Телевизискиот третман на актуелните состојби во регионот освен во изданијата вести, се појавува и во магазинските, tаlk show програмите во која редовна е инволвираноста на граѓаните. Со тоа се гради таа интерактивна врска на граѓанинот- медиумот- институциите на државата – независните експерти. Оваа ТВ станица е скоро изолиран пример со отсуство на коментарот, како модел кој го потценува интелектуалниот потенцијал на гледачот, сервирајќи му веќе готово мислење по одредена проблематика. ТЕРА ТВ денес може да се пофали со дигитална опрема, сателитско емитување на нејзината програма за македонските иселеници во Европа и Австралија, со интерактивен и многу посетуван веб портал на кој може и во живо преку стриминг да се следи програмата на ТЕРА ТВ од секој дел на светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

