Македонија
Јанкулоска бара поголема активност од СВР Скопје
Министерката за внатрешни работи во вторник побара поголема ажурност и забрзана активност од СВР Скопје во расчистувањето на кривичните дела кои последните денови ја вознемирија јавноста
„Моето барање до раководството на СВР Скопје беше поголема ажурност и забрзана активност посебно на планот на расчистување на овие кривични дела, бидејќи собрани се одреден број на докази, одреден дел на индикатори што одат во насока на расчистување на кривичните дела, меѓутоа неопходно е да стигнеме до финална реализација и конечно да бидат приведени сторителите на кривичните дела“, изјави Гордана Јанкулоска.Од почетокот на годинава ограбени девет банки, за разлика од лани кога беа ограбени вкупно 8 банки за цела година. МВР се уште не ги расчистила грабежите. Се уште трага и по убиецот од Чаир. „Од она што денес колегите ми го презентираа евидентно е дека се преземи голем број на чекори, меѓутоа може да се заклучи за комплексни и сериозни кривични дела каде што сторителите се добро опремени и добро подготвени и очигледно потребно малку повеќе време за да сите овие докази и сите овие информации се стават во контекст на извршените дела, што во крајна линија би значело нивно расчистување, односно финална реализација“, додаде Јанкуловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

