Македонија
Селмани и Тачи не отидоа кај Иванов
Нова демократија не учествува на средбата кај претседателот Ѓорѓе Иванов.
Одлуката ја донесе Управниот совет на партијата со образложение дека нема да учествуваат на вакви средби се додека, како што соти во партиското соопштение, премиерот и албанскиот партнер во Владата не ги стават на маса темите за решавање на судските случаи како Сопот, Бродец и четирите хашки случаи.Како услов за учество на средби од ваков тип Нова демократија на Имер Селмани бара и прекинување на проектите „со монетнички и моноверски карактер како „Скопје 2014“, спроведување со дадени рокови на обврските кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор и неговиот дух, а кои не се реализирани, како што е Законот за семејствата на борците, инвалидите, цивилните жртви на ОНА од конфликтот во 2001-ва, официјализирање на албанскиот јазик во согласност со амандманот 5 од Уставот, Законот за употреба на симболи итн.Во барањата на Нова демократија е и продолжување на преговорите за гласање по бадентер во Уставниот суд, Републичкиот судски совет и при усвојвување на буџетот на државата.На крајот партијата бара отворање на меѓупартиски и меѓуетнички дијалог и решавање на спорот со името и деблокирање на интегративните процеси.
На средбата што денеска ја свика претседателот Ѓорѓе Иванов, покрај Селмани, не дојде и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
На неформалниот состанок со претседателот, кој е во тек, дојдоа само лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, Груевски, Црвенковски и Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“: Македонија има талент за европската инженерска сцена
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија, додаваат од министерството.
Македонија
Владата на Мицоски ја отвори вратата за 10.000 странски работници, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски донела одлука со која се отвора вратата за нови 10.000 странски работници во земјава во 2026 година, истакнуваат од СДСМ.
„Одлуката од денеска стапува на сила и се однесува на значително зголемен број во споредба со лани од дури 4.500 лица.
Доаѓаат таканаречените „економски работници“. Иако во Македонија се уште има речиси 100.000 невработени и стапката на невработеност е двоцифрена. Се беше подготвено, сега само се реализира планот. Склучија „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми, за мигранти, потоа го сменија Законот за странци со кои ги олеснија условите за доаѓање, престој и работа“.
Ги скратија процедурите, додаваат од опозициската партија, го продолжија времетраењето на дозволите.
„Се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, ако има „стратешки парнер“ секако. Донесоа резолуција – Декрет за да и забранат на опозицијата да говори за мигранти.
Тоа што се подготвуваше, почна“.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.

