Македонија
Јанкуловска бара будност и присебност

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, преку инструктивна телеграма до Одделот за обезбедување побара будно и присебно однесување на полициските службеници
Како што соопштуваат од МВР, телеграмата се испраќа во пресрет на утрешната собраниска седница, кога треба да се расправа по интерпелацијата за претседателот на Собранието, Трајко Вељановски.Јанкуловска ги повикува полициските припадници да не подлегнуваат на провокации и да продолжат да се однесуваат професионално.„Доколку и се случи некоја провокација, полициските службеници повторно треба да ја задржат присебноста и не смеат да го спуштат нивото и да возвраќаат со сила. Треба да се задржи вербата дека постои институционален начин за лоцирање на одговорноста и санкционирање на виновницитe“, се вели во телеграмата од Јанкуловска.Министерката Јанкуловска на полициските службеници им препорачува случувањата од 1-ви јули да не делуваат депримирачки врз нив, и покрај тоа што, како што се вели учесниците продолжуваат со неаргументираните обвинувања.„Би сакала да ве уверам дека ќе сториме се што е во рамки на законот инволвираните во инцидентот да сносат соодветна одговорност. Доколку е некаква утеха, треба да знаете дека изминативе денови целата домашна и меѓународна јавност се увери кој се однесувал професионално, а кој се обиде насилнички, со раце, да дели сопствена правда“, пишува министерката Јанкуловска.Вечерта на 1-ви јули, откако Собранието не го усвои предлог-законот за обештетување на стечајните работници, дојде до инцидент меѓу пратеници на опозицијата и припадник на МВР, настан за кој двете страни имаат различни видувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Филипче нема никави инвестиции, ниту имот во ОАЕ

„ВМРО-ДПМНЕ во целосна безидејност продолжува да лаже иако претседателот на СДСМ, Венко Филипче јасно кажа дека не поседува никакви инвестиции ниту имот во Обединетите Арапски Емирати“, велат од СДСМ.
„Филипче поседува виза која не е добиена на основ на никакви инвестиции или сопственост на имот.
ВМРО-ДПМНЕ наместо да лаже во континуитет и да се обидува да дефокусира, треба да почне да реализира нешто за граѓаните кои од оваа власт осврн неспособност, лаги и напади на опозицијата ништо друго не виде веќе цела година“, соопшти СДСМ.
Македонија
Крушево домаќин на првото државно првенство во планински велосипедизам

Оваа сабота (17 мај) со почеток во 10 часот стартува премиерното издание на маратонот во планински велосипедизам ,,Krushevo MTB Challenge” во организација на Велосипедскиот клуб Енерџи и Велосипедската федерација на Македонија.
Во рамките на овој настан, ќе се реализира и Државното првенство во планински велосипедизам Маратон како дел од официјалниот календар на ВФМ и според пропозициите и критериумите на Светската велосипедска федерација УЦИ.
Натпреварувачите ќе имаат можност да одберат помеѓу мал маратон од 25км и голем маратон од 75км со вкупно искачување од 650 односно 2000 метри.
Признанија и награди ќе бидат доделени за сите возрасни категории и тоа: 18-29, 30-39, 40-49,50-59,60+.
Пријавувањето е отворено до 15 мај.
Македонија
Општина Центар објави повик за субвенции за санација на покриви и лифтови

Општина Центар-Скопје објавува Јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и лифтови во колективни станбени згради на нејзина територија, согласно Програмата за комунални дејности за 2025 година.
„Ги повикувам сите станбени заедници во Општина Центар кои имаат потреба од санација на покриви или поправка на лифтови да аплицираат и да ги искористат средствата што ги нудиме. Ова е можност да се подобрат условите за живеење, безбедноста и енергетската ефикасност во вашите згради,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Финансиската поддршка изнесува 30% од вредноста на проектот, но не повеќе од 150.000 денари за кровови и 300.000 денари за лифтови, додека 70% од трошоците ги обезбедуваат сопствениците. Повикот се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Право на учество имаат заедници на сопственици или управители од Општина Центар чиишто станбени згради се постари од 15 години, со најмалку 70% населени станови. Потребна е одлука со потписи од 50% + 1 сопственик, како и комплетна документација според условите наведени во повикот (договори, понуди, фотографии, технички извештај и др.).
Пријавите се поднесуваат во затворен плик, во Архивата на Општина Центар (барака 6) или по пошта, на адреса: ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје, во периодот од 10 мај до 30 јуни 2025 година, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
Заинтересираните жители може да се информираат на веб-страницата www.centar.gov.mk.