Македонија
Рамадани ќе собира потписи на смена на поглаварот на ИВЗ
Набрканот оџа Рамадан Рамадани од петок започнува со собирање потписи за смена на поглаварот на Исламската верска заедница(ИВЗ) Сулејман Реџепи
Тој најави дека доколку не успее оваа легална процедура, ќе организира протести пред ИВЗ.„Јас како член на ИВЗ изјавувам дека не се согласувам и не сум задоволен од претставувањето на Сулејман Реџепи и барам од оџите и верските авторитети на ИВЗ веднаш да преземат мерки за разрешување на Сулејман Реџепи“ стои во декларацијата, која од петок ќе им биде достапна на места низ централното градско подрачје на верниците од Скопје. За смена на поглаварот Рамадани имал поддршка од верниците од 20 џамии.„Значи ова е директно враќање на легитимитетот од базата, сè со цел да престане ова нелегитимно претставување кое се состои од неговиот нелегитимен избор во 2006 година, што беше под крајно сомнителни и многу милитантни околности и второ, промената на уставот на ИВЗ што се случи во 2008 година без претходно да биде во согласност со процедурата на стариот устав“ изјави Рамадани.Тој негира формирање на паралелна исламска верска институција.„Ние муслиманите немаме друга ИВЗ за да може да му ја препуштиме на некој човек да нè застапува нелегитимно и затоа е и оваа борба околу нашето претставување. Ние немаме друго освен да се вратиме кај базата и кај верниците и од таму да го црпиме легитимитетот“ вели тој.Не сака споредувања со Јован Вранишковски и за него ова е внатре-муслиманска работа.„Но ако има некој тука кој е под српско влијание се знае тие кои учеле во школи во Кумровец и на факултети во Белград. Тоа не важи за мене“ вели Рамадани.Исламската верска заедница утрово пак, го обвини Рамадани за ширење на вахабизам, радикализам и за неговата нелегална функција.„Тешко на тој народ кој би останал во рацете на еден насилник, расколник, како што е профилот на Рамадан Рамадани, како бивш колега кој што никогаш не заслужил да го повикуваме како колега“ рече Рифат Вуисљанин од Здружението на улемите при муфтивството на Исламската верска заедница.Според нив, изборот Рамадани за оџа бил нелегитимен.„Рамадани во 2003. година со употреба на насилство и оружје, заедно со радикална вехабистичка група, влегол во институцијата на ИВЗ и присилно го натера тогашниот муфтија да го предложи за оџа и со ’калашњикови’ зеде декрет без никакво право и легална процедура од тогашниот поглавар на ИВЗ“, изјави Вуисљанин.Рамадан Рамадани беше обвинет од ИВЗ дека шири вахабизам и му беше забрането да одржува молитви.Жестоките превирања на релација ИВЗ и приврзаниците на Рамадан Рамадани пред неколку недели прераснаа во инцидент од кој најдебелиот крај го извлекоа верниците. Наместо петочна молитва, скопскиот муфтија беше избркан со клоци и тупаници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

