Македонија
Ознал:Турција и Македонија се најзначајни геостратешки земји во регионот
Некриејќи го своето задоволство од земјата каде неговите родители долго време живееле, пензионираниот генерал на турското воено воздухопловство, Ердоган Ознал, во интервјуто за неделникот „Форум“ со задоволство зборува за пријателството меѓу Македонија и Турција
Неговите живееле во Дојран сè до Балканските војни по кои морале да си заминат. Дојден е во Македонија на покана на претседателот Ѓорге Иванов, меѓу другото и како автор на книгата „Македонија не е Грција“ напишана уште во 1993 г. Ние го начекавме за интервју на скопскиот аеродром, на заминување за Истанбул.„Јас бев генерал со три ѕвезди и шеф за операции на турската армија кога ја напишав книгата. Исто така, бев одговорен за националната воена историја на Турција. Некаде во 1993 г. ме повикаа во Грција на конференција. Темата беше светската воена историја, конкретно тогаш се дискутираше за Балканските војни. Грците без престан повторуваа дека Македонија отсекогаш била грчка, дека нема македонски народ итн…Тоа ме збуни и иритира бидејќи јас отсекогаш сум знаел само за Македонија. Тогаш се решив да ја напишам книгата „Македонија не е Грција“, користејќи го архивот на Отоманската империја“, генералот најмногу сакаше да зборува за историјата, но нас повеќето нè интересираше денешницата.Форум: Односите меѓу Македонија и Турција од сите аспекти се исклучително добри. Особено воените. Познато дека најголемиот дел од елитните единици на АРМ, Единиците за специјална намена ги обучуваат турските командоси. На што се должи ваквиот квалитет на соработка?Ердоган Ознал: Да тоа е точно. Турските специјални единици имаат огромно искуство, не само во борбата со курдските бунтовници, туку и на многу други места во Кавказот, Ирак и Авганистан…Квалитетот на односите со Македонија од воен аспект се должи на тоа што оваа земја отсекогаш имала клучна геостратегиска позиција на Балканот. Ќе ви го опишам тоа со времето на Отоманската империја. Градот Битола е познат како град на конзулите, но за време на империјата многу позначаен беше како база на најсилните и најопремените единици на аскерот. И не само тоа, туку Македонија беше логистички центар на целата Отоманска војска на Балканот. Македонија отсекогаш беше третирана како срцето на Отоманската империја, највредното парче земја. Нејзиното значење не е намалено ниту денес.Но, што значи тоа за безбедноста на Турција. Дали турската армија гледа на Балканот како потенцијална безбедносна закана?- Апсолутно не. Но, за десет, дваесет години можеби односите ќе се променат. Односот на силите не е константен.
Од воен аспект, има ли Македонија значење за Турција во евентуална нова турско – грчка војна за која се зборува?- Прво, не верувам дека ќе дојде до нова турско – грчка војна. Тука се САД кои ги балансираат односите меѓу двете земји. Овде посебно значајно е тоа што Турција, заедно со Бразил, бидејќи се две земји со сличен економски и воен развој игра витална улога на Блискиот исток. Турција денес е клучна регионална сила која со своето делување го спречува евентуалниот напад на Израел врз Иран. Инвазија врз Иран е мошне опасна не само за Блискиот исток, туку и по безбедноста на целиот свет.Во овој контекст, колку Македонија и Турција се геостратешки значајни?- Видете, географијата на светот не изменета многу одамна. Оние правила што важеле во минатото важат и денес. Турција се наоѓа во центарот меѓу Евроазија, Блискиот исток и Африка. Оној што го контролира овој дел од светот – владее со светот. Мислам дека САД кои силно ја поддржуваат Турција во оваа насока се свесни за минатото. Отоманската империја како што знаете владееше со Блискиот исток скоро 400 години. И за сето тоа време таму имаше мир меѓу народите. Македонија како централна држава на Балканот игра важна улога во односот на силите. Ние отсекогаш сме ја сакале Македонија, не само поради заедничкото минато, туку земја полна со образовани и интелигентни луѓе. Не знам колку ви е познато, скоро целокупната интелегенција во време на Отоманската империја беше од балканските народи. Токму Турците беа најнеобразованиот народ во Отоманската империја. Турција секогаш максимално ќе ја поддржува Македонија, како најпријателска балканска земја.Единствената книга на генералот Ознал е „Македонија не е Грција“. Ја напишал за само еден месец, откако во 1993 г. им наредил на своите потчинети на прочепкаат по архивот на Отоманската империја што брои 150 милиони документи, плус уште 50 милиони документи воена историја на империјата. Книгата содржи доста работи за Македонија. Во очи ни падна пописот на населението во Македонија и Косово направен во 1904 г., каде стои дека по нарачка на генералниот инспекторат на Портата, Хусеин Хилми Паша направил попис на населението: Турци и исламизирани Арнаути (Албанци) 1.508 илјади; Македон (Македонци) 896.000; Јунци (Грци) 307.000; Срп (Срби) 100.000 и Румени (Власи) 99.000.За жал, генералот не можеше да ни каже дали имал увид и во документите од Букурешкиот мировен договор од август 1913 година. Го прашавме зошто Отоманската империја толку лесно ги изгубила Балканските војни.„Отоманската империја ги изгуби Балканските војни бидејќи политиката беше длабоко навлезена во армијата. Кога политиката ќе се сплетка меѓу војската, тогаш нема војска“, вели Ознал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

