Македонија
Јакимовски: Груевски да го искористи рејтингот за решавање на спорот со името
Премиерот Никола Груевски има најголем рејтинг во историјата на Македонија и треба да го искористи за решавање на крупни политички прашања, а едно од нив е прашањето за спорот со името со Грција, што треба да ги отвори перспективите во НАТО и ЕУ
Ова денеска во интервју за Радио Слободна Европа, го изјави градоначалникот на општината Карпош, Стевчо Јакимовски, кој е член на опозиционата СДСМ. Запрашан дали СДСМ има платформа за спорот околу името и не е ли бегање од одговорност кога СДСМ вели дека ќе го поддржи премиерот што и да одговори, Јакимовски вели дека премиерот е платен да ги решава проблемите на граѓаните, а не опозицијата. „Груевски на овие граѓани годишно им троши две и пол милијарди евра, значи тој е платен и преплатен и должен е да ги решава нивните проблеми, а не опозицијата“, вели Јакимовски.Според него, поради низа нерешени проблеми најдобро решение би било да се оди на нови парламентарни избори и да се види кое е тоа водство што ќе добие нареден четиригодишен мандат. „Лошата економска состојба, безизлезната ситуација на надворешен план, безизлезната ситуација во спорот со Грција, влошените меѓуетнички односи, немањето политички дијалог, нарушените демократски процеси, запирање на реформите во судството и партизацијата на судството, целата наша јавна админстрација е целосно партизирана, лошо функционирање на системот и целосно изгубениот кредибилитет на институциите на системот во Македонија. На тоа се темели нашата проценка дека се неопходни предвремени парламентарни избори“, изјави Јакимовски за Радио Слободна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре, делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре, 03.03.2026 година ( вторник ), поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на ул. Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија. (Општина Центар)
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во с. Бојане, во наредните 4 дена ( 03.03 до 06.03.2026 г.) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане. (Општина Сарај)
Македонија
Утре без струја делови од Карпош и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, утре, 03.03.2026 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток. (Општина Бутел)
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а. (Општина Карпош)
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

