Македонија
За Андов, Ивановски е невин, се додека не се заврши постапката
Пратеникот Стојан Андов, еден од предлагачите на Законот за лустрација во четвртокто рече дека претседателот на Уставниот суд, Трендафил Ивановски го смета за невин, се додека не се заврши целосно постапката со која ќе се утврди дали бил соработник на тајните служби
На дебатата „Нашата лустрација“ во организација на иницијативата „Граѓани за европска македонија“ (ГЕМ), Андов посочи дека со тоа што Ивановски без целосно завршена постапка некои го сметаат како виновен прават прекршување на принципот на пресумпција на невиност.„Ивановски го сметам за невин, додека не заврши постапката. Тоа што некои го осудуваат дека е виновен, е непотребно истрчување . Требаше да го остават Ивановски по свој пат да се брани. Ако Комисијата така заклучила, тогаш тој ќе ги наведеше своите аргументи во жалбата до Управниот суд, а после до Врховен. И кога ќе се заврши тогаш ќе се знае дека е виновен.Некои викаа дека има последици од неговата работа. Тоа е прекршување на принципот на пресумпција на невиност. Без завршена постапка не може да се каже дали бил соработник на тајните служби или не“, рече Андов.Тој и забележува на Комисијата за како што рече со истрчувањето на информации, кои потоа ги повлекува.„Кај нас Комисијата нема друга улога освен да ги спореди исказите на засегнатото лице со документите кои ги добила и верифицирала. Таа неможе да навлезе во автентичноста на документите. Затоа е предвидено да не се објавува ништо додека не заврши постапката. Според Законот е така. Тие не објавија име, но кажаа дека за еден уставен судија се верифицирани документите, а не се верифицирани на други двајца пратеници , за кои доставиле службите документи. Околу верификацијата има проблем со гласање. Треба таа да се држи до својата улога. Неможе со надгласување таа да ги решава работите. Со тоа мора да се престане. Комисијата треба да утврди дали се од службата дадени тие документи и дали се исто така во согласност со Законот“, вели Андов.Тој смета дека дел од членовите на Комисијата за верификација на фактите се обесхрабрени.„Членовите на комисијата јас ги имам запознаено како одговорни личности, но македонската јавност треба да ги охрабри за тоа што го работат. Јасно се гледа дека има притисок, кој мора да биде спречен и треба да се создаде атмосфера за спроведување на процесот на лустрација“, рече Андов.Политичкиот аналитичар и колумнист Жарко Трајановски од ГЕМ смета дека треба да се донесат и закони кои ќе бидат првенствено фокусирани на жртвите. „Треба да се пристапи кон довршување на оние други проекти кои првенствено се фокусирани на жртвите. Закон за рехабилитација и обештетување. Ние ги заборавивме тие закони. Значи вршиме од една страна лустрација од име на жртвите, а жртвите ги заборавивме и никаде ги нема во процесот“, рече Трајановски.Од друга страна како што рече тој има фокус на сторителите, меѓутоа посочи дека не се знае дали навистина станува збор за нив или за помагачите.Трајановски смета дека сторителите се практично засега изземени од процесот.„Се надевам дека ќе се создадат некои услови за поправична лустрација затоа што лустрацијта е елемент на транзициската правда“, рече Трајановски.И Андов смета дека се неопходни закони за рехабилитација и обештетување. Вели дека доцна се почнало со процесот на лустрација и оти немал можност да ги изготви.Измени во законското решение за процесот на лустрација, Андов смета дека треба да се направат, но вели дека ќе чека да ги види предлозите кои ги најави ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.
Македонија
Премиерот се пожали дека ССМ не сакале да потпишат колективен договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти
ССМ не сакаше да го потпише колективниот договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти во период од четири години, односно до април 2028 година, под услов во колективниот договор да се избрише делот кај што стојат платите и во тој период да репреговараат. Тоа го повтори денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на Економскиот факултет при УКИМ организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ истакнувајќи дека ССМ не сакал да се откаже од општиот колективен договор што претходно го потпишал, а чија важност престанала.
Тој појасни дека ако просечната плата е 30.000 денари, сега во април за мартовската плата ќе имало нивелирање за минималната плата, која ќе се зголеми.
– Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш овие 30.000 денари плус 1.500 денари зголемени за 8 проценти ќе дадат збир X парички. В година, април 2027, тие X парички повторно ќе се зголемат за минималната плата, да претпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тој збир X плус тие 1.500 денари ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме У парички. Третата година, 2028, во април овие У парички повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8 проценти и ќе добиеме Z парички. Овие Z парички ќе бидат за минимум 40 проценти повеќе од 30.000 денари – рече Мицкоски.
Го повтори условот за потпишување на овој договор, а тоа, според него, е во колективниот општ договор, делот кај што стојат платите, да се избришат и во периодот од три години да го репреговараат.
– Доволен период имаме од три години да постигнеме договор. А во меѓувреме, имаме колективен договор, имаме 95 отсто од вработените што се дел од одговорностите на Владата, која е работодавач и со тоа Владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Значи, остануваат сега уште овие 7.787 вработени од вкупната државна администрација – истакна Мицкоски.
Тоа, додаде, ССМ не сакал да го потпише.
– Велеа вака, „како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор во тој дел кога ние сме го подпишеле со Тренчевска“. Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор е престанато. Во завршните и во преодните одредби стои дека „тој останува во важност до носење друг“. А ние, ако го избришеме делот на платите, кој е дел од општиот колективен договор и е збунувачки, може да се толкува вака и така, ќе се повикаме на овој нов грански договор, што ќе го потпишеме со гранските синдикати за државната администрација – рече Мицкоски.
Според него, периодот од три години е доволен да преговараат за тој дел од општиот колективен договор.
– И во рок од тие три години ќе преговараме дел, што ќе биде повторно дел од општиот колективен договор. И тие тоа не го прифаќаат. Како, велат, ние сега сме го подпишале тој договор, како сега ние самите себе ќе си се бришаме. Тоа не е мој проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество за помалку од три години да не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама јас мислам дека сме зрели – истакна премиерот.
ССМ денеска ја повика Владата в понеделник да го потпишат колективниот договор, со кој, како што велат, ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година, да почне од февруари 2026 година. За следната недела најавија блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.

