Македонија
Медицинскиот факултет има 41 случај на семејно вработување
Медицинскиот факултет при УКИМ има 41 случај на вработување благодарение на роднински врски, рече денеска директорот на Државниот просветен инспекторат Џорџе Арсов, по направените инспекции
Инспекциските контроли, освен на Факултетот по медицина, утврдиле неправилности и на 11 други факултети, меѓу кои установиле вработување со роднински врски во 12 случаи на Машинскиот факултет, осум случаи на Стоматолошкиот факултет, четири на Електро-техничкиот факултет итн. „Ние овие денови поминавме 12 факултети од УКИМ, и контролиравме повеќе работи согласно законот, а паднаа во очи ова, дека има факултети каде драстично не се почитуваат законите, најчесто со вработување од страна на таткото на синот или ќерката, па има и случаи истовремено и синот и ќерката и снаата и зетот итн,“ рече Арсов. Другиот поголем проблем кој е установен на терен од страна на Државниот просветен инспекторат е немањето евиденција за тоа дали се држат предавања од страна на професорите. „Кај нас стигаат многу жалби дека на одредени факултети воопшто не се држат предавања, асистенти, па дури и демонстратори ги држат предавањата иако факултетите плаќаат квалитетни професорски кадри за тоа,“ изјави Арсов. Министерот за образование и наука, Никола Тодоров вели дека моментално едноставно не постои систем за евиденција на одржување на часовите. „Веќе подолго време имаме сериозни поплаки од студентите и родителите и заради тоа се одлучивме да направиме ваков инспекциски надзор и да ја констатираме фактичката состојба, затоа што на ниту еден факултет кој досега го посетивме нема воспоставено евиденција за реализација на наставата,“ рече Тодоров. Тој смета дека овие две работи, немањето евиденција за реализација на наставата и констатираните семејни врски сериозно влијаат врз квалитетот на високото образование и поради ова од наредниот период Министерството ќе излезе со предлог за законски измени на законот за високо образование со цел ставање на крај на овие нефункционалности кои повеќе децении егзистираат во Македонија. „Сметам дека со оваа контрола и понатамошните активности кои ќе ги направи Министерството ќе им овозможиме навистина на најдобрите студенти да се вработат и бават со наука, а не тие кои имаат најдобри врски,“ рече Арсов. Министерот Тодоров рече дека за жал неговото Министерство нема можност никого да санкционира за вработувањето на роднини по факултетите бидејќи законот не му го дава тоа право. „Министерството нема можност за санкционирање на семејните врски, но имаме обврска за менување на законските норми и да спречиме ова понатаму да се случува,“ рече тој и најави тесна соработка со Антикорупциската комисија за овие случаи. Државниот просветен инспекторат најави инспекции и по останатите факултети на УКИМ, како и на универзитетот „Гоце Делчев“, универзитетот Св. Климент Охридски, и сите останати универзитети во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

